| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски – Даниелсон: Непочнувањето преговори со Македонија го нарушува кредибилитетот на ЕУ

Nikola-poposki-3

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска во Брисел се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон, кој му дал до знаење дека Европската комисија ги алармира земјите-членки на Унијата дека непочнувањето на преговорите со Македонија има сериозна цена за кредибилитетот на ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски и Даниелсон, разговарале за неколку најзначајни теми за нашата европска интеграција.

– Од аспект на Комисијата, во прв ред, значајно е да ја задржиме динамиката на спроведување на реформите поврзани со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Во остатокот од поглавјата каде секаде е констатирано дека имаме континуиран напредок низ годините, треба веќе да имаме активности кои се поврзани и со водење на преговори. Во делот на комуникацијата меѓу Комисијата земјите-членки на ЕУ, сметам дека значајно е тоа што ЕК го повторува фактот дека одложувањето на почетокот на пристапните преговори има сериозна цена за кредибилитетот на европската агенда со земјите кои се предмет на проширувањето. Со Македонија, оној принцип на стриктен, но фер третман на земјите-кандидати, навистина е прекршуван веќе подолг временски период, вели Попоски во изјава за МИА.

На прашањето дали има идеја во Еврокомисијата како да се надмине веќе очекуваното грчко вето на Самитот на Советот во декември, а со цел да се задржи кондицијата во однос на македонската евроинтеграцијата, оти ЕК предложи почеток на скрининг-процесот што исто зависи од одлуката на земјите-членки, Попоски со одговор:

– ЕК е на линија дека ние во секој случај треба да ги продолжиме реформите. Тоа е и наша определба оти сите реформи кои ги спроведуваме ги правиме пред се за граѓаните и даночните обврзници на Република Македонија. Од друга страна, самата Комисија токму затоа на највисоко ниво ја издигнува пораката дека блокадата на Македонија има сериозна цена оти е неоправдана со оглед на тоа што сме ги оствариле критериумите и во моментов е ангажирана на комуникација на ушатување на таа порака дека цената на чинење на нереализираните ветувања од страна на Европската унија и неможноста да се справи со оној што не блокира внатре во Унијата е навистина висока и не треба да биде потценета – дециден е македонскиот министер.

Во следниот период, според Попоски, најголем фокус ќе се посвети на поглавјата кои се поврзани со владеење на правото, што како што вели е и во интерес на Македонија оти тој дел ќе има најголеми ефекти и тоа ќе ја подобри бизнис-климата во државата, ако има континуирано подобрување во овој сегмент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top