Македонскиот ватерполо клуб Бета е веројатно единствен пример во нашиот спорт што учествува во регионална лига со грчки екипи, а приказната ја прави уште поинтересна, лобирањето на бугарските тимови за учество и на младинците од Скопје во овој систем на натпреварување.
Лигата лани ја играа младинци родени од 1997 година, и беше составена од 16 екипи, 12 од нив се грчки. Тука е и нашата БЕТА, бугарската Локомотив од Софија, а експериментално учествуваа и српски тимови. Балканска минијатура и интересен состав со уште поинтересна историја. Бугарите лобираат за учество на Македонците, а инцијативата е на грчкиот ватерполо сојуз. Друштво, што на прв поглед е невозможно да се состави во една целина, но кај идните ватерполо надежи на Македонија, Грција, Бугарија и Србија функционира беспрекорно.
-Веќе гостувавме во Грција, а и нивните екипи Аполо и Ираклис ни беа нагости во Скопје, на турнир што се организира на база на викенд шема. Ниту таму кај нив, ниту пак кај нас немаше никаков проблем. Ние не сме политичари да решаваме национални проблеми. Ги предупредивме нашите ватерполисти да нема никакви провокации, бидејќи спортот е над политиката, а исто беше и од спротивната страна. Во Грција беше истакнато македонското знаме, а почуствувавме дека домаќините воопшто немаат проблем со името на нашата држава. Во разговорите што ги имавме со луѓето од грчките клубови, самите не нарекуваа Македонци. Иако имаше одредена доза на сомнеж, како ќе функционира лигата, сега веќе кај никого не постои дилема дека одлуката да играме заедно, е правилна – вели Боро Стефановски, директорот на БЕТА.
Имаме ентузијасти и таленти, но немаме систем и стратегија за развој
Станува збор за релативно млад клуб, што е формиран пред година и пол, а функционира под капата на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Иницијалите на починатиот претседател Борис Трајковски се во основата на името на тимот. Ентузијазмот на Стефановски кој е поранешен ватерполист и брат на познатиот македонски пливач Томи Стефановски и на тренерот на БЕТА, Владимир Ристовски, доведоа до формирање на ватерполо клуб, кој засега нема сениорски состав, односно функционира само со младински категории.
-Има голем интерес кај децата за тренирање ватерполо. Многу ни значи подршката од луѓето што го раководат спортскиот центар Борис Трајковски. Го користиме базенот и имаме најмодерни услови за работа. Наскоро треба да добиеме и нов семафор, а размислуваме да ја прошириме базата во младинските категории. Проблем е што челниците на македонската федерација не успеваат да организираат наш домашен систем на натпреварување, па за одржување на формата, одлично ни доаѓа учеството во регионалните лиги. Доколку се формира македонска лига подготвени сме веднаш да се вклучиме, но засега нема најави за такво нешто – вели Стефановски.
Младите категории ватерполисти играат во уште една лига во регионот, што ја организираат Србите. И кај Грците и кај Србите има стратегија, па затоа се велесили во ватерполото. Кај нас, како што велат претставниците на БЕТА, се уште нема јасна стратегија за развој на овој спорт.
-Атина и Белград се силни ватерполо центри, но развој треба да има и во помалите места. Затоа Србите и Грците организираат регионални лиги, за да им функционира ватерполото и надвор од центрите. Во лигите во кои играме, нема екипи од главните градови на Грција и на Србија, а двете земји умешно работат на афирмацијата на ватерполото на целата нивна територија. Кај нас немаме ниту со кого да играме, бидејќи и тие екипи што постоеја се расформираа. Без јасна цел и стратегија, македонското ватерполо нема шанси за успех. Се бориме со сите сили да опстанеме и сигурни сме дека ќе продолжиме да играме, за доброто на македонските ватерполо таленти. Имаме квалитетни деца, на кои треба да им се овозможи да напредуваат – вели тренерот на БЕТА, Ристовски.
Со Грците на партија ватерполо, па потоа и на час по фудбал
Од оваа сезона македонските ватерполо „мохиканци“ играат во регионалните лиги и со сениорски состав. Екипата ја сочинува најстарата генерација момчиња во БЕТА, кои догодина ќе имаат по 18 години. Дека не сме инфериорни со квалитет покажуваат и резултатите против многу пореномираните состави од Србија и Грција.
-Со двете грчки екипи Аполо и Ираклис одигравме нерешено, 8-8, односно 6-6. Можевме и да победиме и веруваме дека ќе го сториме тоа кога нашите играчи ќе стекнат малку повеќе искуство. Најважно е да бидеме во натпреварувачки ритам и да играме против квалитетни екипи. Уште ако се остварат најавите за изградба на летен базен, тоа ќе биде дополнителен бенефит за македонскиот ватерполо спорт, секако и за БЕТА. Така би имале услови да тренираме и да играме во текот на целата сезона – вели Стефановски.
За децата важна е и дружбата, а досега немало ни најмали инциденти, ниту со Грците, ниту со екипите од останатите две соседни земји.
-Не интересира само ватерполото, а на почеток Грците беа скептични. Им предложивме децата да спијат во домовите на своите врсници. Кога гостуваме нашите ватерполисти да престојуваат кај своите врсници и обратно. На почетокот одбија, но откако видоа дека децата немаат проблеми да се дружат, рекоа дека ќе размислат, за таков модел од идната сезона. Игравме ватерполо без да се случи и најмал инцидент, а потоа нашите и нивните деца заедно играа фудбал. Интересен момент се случи на вечерата што за ја организиравме во Скопје, кога ни гостуваа екипи од Грција, Србија и од Бугарија. Со нив заедно на масата бевме и ние Македонците, не служеше Албанец, па имаше вистински балкански фестивал на дружба на регионално ниво – вели Стефановски.
БЕТА напредува со крупни чекори, засега е единствен македонски тим што игра ватерполо во регионалните лиги, а се надеваат дека наскоро ќе имаат можност да настапат и во наша македонска ватерполо лига.
Примерот на Грција, вистински модел и за нас
Грците долго ги немаше на светската ватерполо мапа, иако имаат море и одлични услови за развој на овој спорт, но со одлична стратегија направија пресврт и се промовираа во значаен фактор во ватерполото. Во 90-те години од минатиот век направија план, а државата стана еден вид гарант за силна лига со 12 екипи.
-Имаа одлична визија и за тоа треба да им се признае, дека направија голем подем на ватерполото. Државата ги покриваше трошоците за патувања, опрема, сместување, а ги плаќаше и врвните странски тренери. Двајца од нив Македонци, Зоран Димитров и Деан Симеонов работеа во Серез, што покажува дека имаме квалитетни стручни кадри. Интерес за ватерполо постои и во Македонија, сега има и солидни услови, иако ни требаат уште базени, но немаме никаква стратегија за развој. Федерацијата не превзема никакви чекори за подобрување на состојбата. Треба да заживеат и природните центри како Охрид, Струга, за да има поширока база за создавање таленти – вели Стефановски.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.