| четврток, 6 декември 2018 |

Азербејџан сериозен испит за македонските фудбалски таленти

Македонските фудбалски таленти за час и половина против Азербејџан ќе атакуваат на првата победа во квалификациите за настап на Европското првенство во Чешка за две години. Од 17 часот на освежената арена „Филип Втори“ во Скопје, избарниците на Бобан Бабунски ќе се обидат да побегнат од последната позиција во осмата група, по гостинските реми со Азербејџан (0-0) и поразот од Норвешка (1-2).

Со 12 интернационалци во составот нашите фудбалери до 21 година го имаат неопходното искуство за блок победи против Азербејџан денеска и со Норвешка за 4 дена, исто така, во Скопје.

– Репрезентацијата е составена, можеби, од најталентираната генерација млади фудбалери досега. Тим што една и пол година немаше пораз во официјален квалификациски циклус и кој реално има шанси да се квалификува на Европското првенство. Очекуваме поддршка од публиката за да се остварат две мошне важни победи – изјави селекторот Бобан Бабунски.

Влезот и денеска и во вторник против Норвешка е слободен, што е добра можност за симпатизерите на фудбалот да им дадат поддршка на браќата Бабунски, Давид и Доријан, на Александар Трајковски, на Стефан Ристовски, на Дени Илиев и на останатите македонски момчиња кои се мошне талентирани. Оваа генерација има играчи во младинските академии на Барселона и на Реал Мадрид, во Арсенал, фудбалери кои се членови на калчолигашите Парма и Удинезе, потоа во белгиски Мехелен…, што доволно говори дека имаат талент и квалитет за големи дострели.

Пред овој дуел, попладнево Изреал ја декласира Норвешка со 4-1 и се искачи на делба на првата позиција со 9 бода.

 

Табела: Португалија 9 (3 натпревари), Израел 9 (4), Азербејџан 4 (4), Норвешка 3 (5), Македонија 1 (2). 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top