| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар најавува интензивирање на дружбата со своите легенди

Фудбалскиот клуб Вардар во соопштение поставено на својот веб-сајт најавува иницијатива која треба да го зајакне тимскиот дух, но и сплотеноста на сите кои што биле дел од македонската спортска икона.

Во соопштението се вели дека желбата за доближување на неговите поранешни легендарни имиња повторно до црвено-црните бои, но и враќање на сите пријатели во неговиот дом, иницира заедничка дружба со најголемите фудбалски легенди на клубот изразена преку одигрување пријателски натпревари.

За наредниот период интенцијата е секој понеделник и четврток во вечерниот термин од 19 до 20 часот на помошното игралиште на Вардар покрај националната арена „Филип Втори“, кое е со вештачка трева, да бидат одигрувани ревијални натпревари на кои би биле вклучени сите легендарни имиња на клубот кои оставиле силна трага во развојот и растот на најголемиот македонски фудбалски бренд. Токму во таа насока клубот ги повикува сите наши легенди и ветерани веќе од понеделник (18 ноември) да ни се придружат на заедничката дружба на помошното игралиште покрај „Филип Втори“.

 

Нашиот клуб веќе полека почна со идејата за враќање на своите легенди преку ангажманот на повеќе имиња во пионерско-младинската школа, а сега сигурно на овој начин се планира и дополнително засилено доближување до своите редови на сите имиња кои нешто значат за клубот.

 

„Иднината на еден клуб неизбежно мора цврсто да стои на темелите поставени од минатото. Токму затоа сакаме на некој начин повторно да ги доближиме до клубот сите наши легендарни фудбалери кои придонеле Вардар да се изгради во најголем македонски фудбалски клуб. Преку овој начин на дружба со одигрување натпревари само сакаме да внесеме една нова димензија во функционирањето на клубот. Дружбата со легендите треба да биде забава, но од неа секако очекуваме континуирана размена на мислења и идеи за постојана доизградба на ФК Вардар по европски терк“ – вели извршниот директор на Вардар, Горан Митев.

 

ФК Вардар ги обезбедува сите неопходни услови за одигрување на овие натпревари кои секако може да израснат и во интерно турнирско надигрување на легендите и пријателите на македонскиот шампион.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top