Во Генералното собрание на Обединетите нации денеска попладне ќе се гласа за избор на новите членки на Советот за човекови права на светската организација, на кое и Македонија е една од земјите-кандидатки.
Македонија е една од земјите кандидатки и се очекува да биде избрана и во следните три години да учествува во работата на ова највисоко меѓународно тело посветено на почитување на човековите права. Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева, е формиран во 2006 година за да ја замени Комисијата за човекови права, има 47 членки, избрани регионално од членките на ОН. Советот ја следи состојбата со кршењето на човековите права во сите членки на ОН, работи со високиот комесар за човекови права, може да испрати известувачи за одредени состојби или пак да разгледа поплаки од граѓани и организации.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, при неодамнешното учество на Генералното собрание на ОН, истакна дека членството на Македонија во Советот за човекови права е еден од приоритетите во мултилатералната политика во овој период. Поради начинот на кој се распределуваат гласовите, при што за источна Европа се определени две сигурни места, се очекува Македонија денеска да ја добие потребната поддршка и првпат ќе стане член на оваа организација.
Инаку, од 17-те држави кои се кандидираа, а меѓу кои се и Куба, Саудиска Арабија, Русија и Кина, Македонија е една од само четирите држави кои беа проценети како заслужни за членство во Советот според организацијата ОН Воч, која изработува рејтинг-листи на кандидатите. Другите држави кои, според ОН Воч, ги исполнуваат стандардите на човекови права потребни за членство во Советот на ОН се Франција, Британија и Мексико. Меѓу кандидатките се и Алжир, Виетнам, Малдивите, Мороко и други земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.