Стотина палми ќе никнат на брегот од Охридско Езеро и на влезовите од Охрид, најави директорот на јавното претпријатие „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, при денешната посета на Охрид каде што заедно со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, засадија вакви дрвца.
Според Караџоски, оваа активност е дел од есенската акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, во чии рамки првпат се засадуваат палми.
– Првпат во рамки на акцијата се садат и палми. Прво во Дојран, каде што беа засадени сто садници палми, потоа во Струга, каде што беа засадени 30 стебла, и во Охрид, каде што ќе се засадуваат исто така сто млади палми – изјави Караџоски.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, истакна дека новите садници палми хортикултурно ќе го разубават градот, а ќе се направи и план каде ќе бидат засадени.
– Во иднина имаме планови со „Македонски шуми“ да спроведеме зачестени вакви активности што ќе придонесат за разубавување на градот, за кој се надевам дека во наредните неколку години ќе биде најдобро хортикултурно уреден град во земјата – рече Бакрачески.
Таканаречената влакнеста палма, како што појасни Караџоски, успева во климатски услови какви што има кај нас и издржува температура до 10 степени под нулата. Доколку има пониски температури, како што додаде, надлежните ќе преземет мерки за поголема заштита со специјална фолија.
Во рамките на годинешната акција за пошумување, предвидено е да се засадат вкупно пет милиони нови садници во Република Македонија.
Извор: Супер радио
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.