Луксузен хотел ќе се гради на брегот на Охридското Езеро, на локацијата каде се наоѓаше специјалната детска болница, во непосредна близина на хотелот „Гранит“. Скопска фирма ги купи двата објекти на детската болница на наддавање за 1,2 милиони евра, по 11 илјади денари за метар квадратен. Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески позитивно ја оцени продажбата и постигнатата цена, четирипати поголема од почетната.
– Локалната самоуправа ќе се води исклучиво од долгорочните интереси на градот Охрид и неговите граѓани. Продажбата нема никогаш да се случи според тоа дали на градот Охрид му требаат пари или не, доколку таа не содејствува со она што претставува долгорочна стратегија и визија за развој на Охрид. Атрактивното градежно земјиште ќе може да се продава во оној момент кога ние ја определуваме намената на тоа земјиште, а која што намена треба да биде во интерес на идниот развој на градот, потенцира Бакрачески.
Бакрачески го изнесе и својот став во врска со неодамнешната продажба на атрактивната градежна парцела во непосредна близина на црквата „Св. Јован Канео“ во стариот дел на Охрид.
– Продадени се 201 метар квадратен по цена од 51 илјада денари за метар квадратен односно вкупно за 10,2 милиони денари. Според моите податоци таа е една од најголемите цени постигнати запродажба на градежно неизградено земјиште во Македонија. Оваа продажба по горе наведената сума е спротивна односно ги демантира ставовите на некои од опозициските советници во градскиот Совет кои во изминатиов период се обидуваа да ја изманипулираат јавноста дека таа парцела ќе биде продадена за само 20 евра. Реално ова земјиште е продадено за дури 40 пати поголема сума од онаа за која што тие зборуваа. Притоа 80 проценти од приходите од продажбата ќе бидат за општина Охрид, а 20 проценти за Република Македонија, истакна градоначалникот Бакрачески.
Според локалната самоуправа, продажбата на државно градежно земјиште во Охрид кое не се реализира по секоја цена и е определено од долгорочната стратегија за развој на градов позитивно ќе се одрази во приходната стапка во структурата на буџетот на општина Охрид. Еден дел од добиените средства може да се наменат за враќање на големите наследени долгови на општина Охрид, а дел за реализирање на одредени проекти кои што се предвидени во програмата за работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.