| четврток, 6 декември 2018 |

На двегодишно дете му извадиле семка од белите дробови

dete doktor

Двегодишно дете од Македонија еден месец живеело со семка од тиква заглавена во белите дробови. Во веќе тешка здравствена состојба вчера било донесено на Клинката за уво нос и грло, пишува „Здравство 24“.

Тимот за интервентна ендоскопија за половина час, колку што траела интервенцијата, го извадил туѓото тело. Како што велат од тимот за „Здравство 24“, детето ќе престојува на Клиниката до понеделник кога ќе му биде направена уште една контрола.

Голготата на ова дете почнала пред 30 дена, кога родителите му давале семки од тиква. Тоа се закашлало и оттогаш почнале интензивни кашлици. Еден месец пиело антибиотици за силната кашлица. Имало и отежнато дишење, а, како што велат лекарите, на рендген не може да се види семката заглавена во белите дробови. Лекари од внатрешноста што го лекувале детето велеле дека не му било ништо.

Интересен податок е што речиси во сите поголеми градови во државата има апаратура за интервентна ендоскопија. Но, засега овие интервенции со висок ризик ги прават само на Клиниката за уво нос и грло. Лекарите уште еднаш со укажување и препорака до родителите да внимаваат што им даваат на децата. На оваа клиника постои лепеза на туѓи тела извадени од мали деца.

Пред само неколку месеци истиот тим што вчера интервенирал едвај го спаси седумгодишното дете од Кичево, кое играјќи си го голтнало свирчето што се заглавило во белите дробови. Пред една година беше спасен живототи на едногодишно дете кое, пак, си играло со зрна грав и едно од нив завршило во неговиот душник. Лекарите со предупредување дека кај вакви случаи ако не се интервенира навреме, може да завршат фатално.

Во некои од развиените земји постои закон со кој родителите се казнуваат за вакви случаи, сметајќи го тоа како родителска негрижа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top