Одредени жени во Индија заработуваат така што ја издаваат својата матка, главно на богати луѓе од Западот. Документарецот за овие жени ќе биде премиерно прикажан на Би-Би-Си. Се проценува дека овој бизнис во моментот е вреден милијарда долари годишно, а жените кои во стомакот носат туѓи деца, за тоа добиваат мизерна заработка.
Вероника е родена со еден јајник и еден јајцевод, поради што не може да ја износи бременоста. Сега има 33 години и со својот сопруг е во Индија каде чека нивниот ембрион да се смести во телото на друга жена.
„Ова се Катарина и Александар. Нивните имиња се ставени уште пред две години“, вели Вероника покажувајќи на двата ембриони кои се посадени во сурогат мајката.
Таа со својот сопруг Мајкл допатувала во Индија, каде нивните ембриони ќе ги носи една од жените кои живеат од вакви услуги.
„Како лекар гледам сиромашни жени кои забременуваат и поради недостаток на средства ја прекинуваат бременоста. Од друга страна, се лицата кои многу сакаат да имаат деца, но природата тоа не им го овозможила. Пред клиниката се изгледа сосема обично, но позади оваа надворешност се кријат научници и професионалци, и ништо не е поразлично од местата во западниот свет на кои работам“, вели Мајкл.
Оваа клиника се наоѓа во Ананд, во руралниот дел на Индија, а ја води д-р Нања Пател, која важи за една од најконтроверзните личности во медицинскиот систем на Индија.
Жените кои прифаќаат да носат бременост со туѓи бебиња, ова го прават и по неколку пати и главно на тој начин го издржуваат своето семејство. Жените во кои ќе се постават ембрионите овде остануваат во текот на бременоста, а за својот труд добиваат околу 8.000 долари, додека докторката Пател од паровите кои не можат да добијат деца добива 28.000 долари.
Контроверзиите околу „добрата докторка“ вклучуваат обвиненија дека води фабрика за бебиња во која ги експлоатира сиромашните жени. Таа е еден од пионерите на „сурогат индустријата“, која во Индија стана многу профитабилна „економска гранка“.
Документарецот не води само во центарот на работењето на оваа клиника која се огласува како клиника за лекување на неплодноста и вештачкото оплодување, а во неа се прикажани докторката Пател, нејзините клиенти од Запад, но и жените кои го обезбедуваат основното средство потребно за работата – своето тело.
Во филмот ја запознаваме и Канаѓанката Барбара, која ги завршува документите за да може да го однесе деветмесечниот син Кирон дома. Во меѓувреме, сурогат мајката која девет месеци го носела во стомакот, вработена е како негова дадилка. Оваа „продолжена состојба“ е пракса на многу клиенти на клиниката, но во текот на овој период се формира и неизбежна врска меѓу бебињата и жените кои ги донеле на свет и ги доеле. Сето тоа, секако, до денот кога конечно ќе се разделат засекогаш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.