
Како што се информирани нашите прволигаши, во период од 20 до 30 дена во моментов следи санација на теренот на „Филип Втори“ кој се наоѓа во катастрофално лоша ситуација, поради што најпрво уште денеска Работнички својот дуел од 8. коло во Првата лига против Хоризонт Турново ќе го игра на стадионот во Ѓорче Петров.
„Вардарци“, пак, битката за пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија, односно реванш дуелот против Металург на 25.септември ќе мора да го игра надвор од „Филип Втори“. Според најавите, како една од варијантите е и стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, но засега се уште нема официјална одлука. Како можност останува и стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
„Црвено-црните“ ќе мора да бараат алтернатива и за натпреварот на 29.септември против Напредок, додека Работнички на стадионот во Ѓорче Петров ќе мора да игра, најверојатно, и на 6.октомври против Брегалница.
Се очекува двата тима на „Филип Втори“ да се вратат токму за меѓусебниот дуел од 11.коло во Првата лига кој треба да се игра на 20.октомври, за до кога, ако не се случи нешто непредвидено, треба да заврши реконструкцијата на теренот на нашиот најголем стадион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


