| четврток, 6 декември 2018 |

На гости ни е „Тартан арми“, колекционерите на награди за фер однесување

На гости во Скопје допатуваа шкотските навивачи, или познатата „Тартан Арми“, редовни колекционери на признанија за фер однесување. Вечерва од 20,30 часот тие ќе ја бодрат својата репрезентација во дуелот со Македонија, со цел да им помогнат на „Храбите срца“, што ги предводи легендарниот Гордон Страхан да победат и да го избегнат последното место во А групата. Шкотска има 5 бода и ако загуби од Македонија, веројатно ќе остане на дното на табелата. Македонија посакува победа за да има 10 бода и да остане во битка за третата позиција.

„Ние ќе навиваме како и секогаш гласно и постојано, а ја подржуваме Шкотска и во победи и во порази. Вечерва секако посакуваме да освоиме три бода, иако знаеме дека Македонија е незгоден противник. Бев на натпреварот што се играше на Хемпден Парк, минатата година и искрено признавам дека Македонија не надигра, а воопшто не очекувавме да бидете подобри од нас“, вели Ангус, еден од навивачите што ги сретнавме на Плоштадот Македонија во Скопје. Шкотите го окупираа градот, а дел од нив се сместени и во Тетово, Велес, Куманово.

Шкотите постојано ја следат својата фудбалска репрезентација на гостувањата и тоа во голем број, а популарната „Тартан Арми“, си гради култен статус во светот на навивачките групи. Интересен е поводот и начинот на кој се формирани, како се развиваат и на кој начин се организираат за патувањата нагости.

Skotski navivaci vo Skopje (Custom)

Во 1977 година на „Вембли“ во Лондон Шкотска го победи вечниот ривал Англија со 2-1, а симпатизерите на гостинската репрезентација направија хаос со инвазија на игралиштето. Две години подоцна се случи сличен инцидент на навивачи на Шкотите во алкохолизирана состојба, а беа уапсени околу 350 гостински симпатизери и уште околу 150 беа избркани од стадионот. Шкотска црвенееше од срам, поради вандалското однесување на хулиганите, а предлогот на професорот Ерик Данинг, да се формира навивачка група и клуб што ќе функционира по принципот на лојалн0ст кон шкотската репрезентација, а за возврат, членовите ќе имаат привилегија да добиваат билети за натпреварите што Шкотска ќе ги игра на гостински терен. Ототогаш постои „Тартан Арми“ со 17 илјади членови, а на листата на чекање се уште 10 илјади.

„Групата работи на принцип на лојалност, а тие што најчесто патуваат со репрезентацијата имаат предност при распределбата на билети. Сами си плаќаме се, комплетниот ангажман, заедно со билетите, а поради ограничениот капацитет за гостински навивачи, побарувачката е голема. Се препознаваме по значките на капите, кој каде бил и на кое гостување. Добиваме по една значка за секој натпревар на кој сме биле присутни на гостински терени тоа е еден вид хиерархија, служи за меѓусебен респект меѓу членовите на групата“, вели Ангус.

Килтот е задолжителен дел од облеката, а капите се нанижани со значки. Највлијателни и најпочитувани се тие што ги имаат најмногу, но, секој има шанса да аплицира за билет и да го добие.

Ваквиот систем даде неочекувано добри резултати, а „Тартан Арми“ е една од најпочитуваните навивачки групи. Кротки, секогаш пријателски расположени, тие се вистински колекционери на награди за фер однесување, а Шкотска стана препознатлива по нив. Беа прогласени за најдобра навивачка група на европското првенство во Шведска во 1992 година, а атмосферата на трибините исполнета со припадници на „Тартан Арми“ организаторите ја нарекоа „семејна“.

Колоритот што го прават е прекрасен, подршката за репрезентацијата бучна и постојана, а наградите се редеа и на следните шампионати на кои учествуваше Шкотска.

Исклучок се натпреварите против Англија и постојаното исвиркување на химната „God Save The Queen“, но тука се работи и за националното прашање и огромната нетрпеливост меѓу Шкотите и Англичаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top