| четврток, 6 декември 2018 |

Владо Илиевски: Оваа генерација заслужува респект

Владо Илиевски веројатно се прости од репрезентацијата со настапот на европското првенство во Словенија, земја што е негов втор дом. Тој долго играше во Олимпија, а и сопругата му е Словенка, но немаше среќа токму таму одново да блесне во националниот дрес, како што тоа го стори во Литванија пред две години. Јунакот при елиминацијата на Литванците пред две години во четвртфиналниот меч за паметање, овојпат немаше сила за нов подвиг, заедно со Перо Антиќ, Бо Мекејлеб, браќата Стојановски, Гечевски, Самарџиски и останатите наши кошаркари. Во Литванија даде тројка што е антологиска, заедно со изјавата „Леле луѓе што направивме“. Вели дека во Словенија можеше да биде и поинаку, но и дека на кошаркарите им недостасуваше енергија за подобар настап и пласман во втората фаза.

„Немавме доволно енергија, веројатно ниту доволно знаење за да ја победиме Летонија денеска и да се обидеме да се протнеме понатаму. Дадовме се од себе, и на овој шампионат бевме како едно семејство. Одигравме со срце, но и тоа не беше доволно. Можевме повеќе и требаше да покажеме повеќе, но немавме свежина. Сепак оваа генерација заслужува со кренати глави да си замине од кошаркарската сцена и мислам дека заслужува респект“, изјави Илиевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top