Со пораз од Летонија во салата „Подмежакла“ во Јесенице македонските кошаркари се простија од настапот на Евробаскетот во Словенија. Летонците не победија со 76-66 и тие ќе патуваат во втората фаза, веројатно без бодови, ако Литванија подоцна од 17,45 часот ја победи БиХ.
Сосема заслужено Македонија по четвртипат е поразена во Словенија, а овојпат нема замерки ниту на судењето, ниту на ФИБА. Сами сме виновни за негативата од 10 поени, а токму на таква разлика во наша корист се надевавме пред стартот на дуелот за да ги продолжиме надежите за пласман во следната фаза. Вака го завршуваме шампионатот со само една победа, против Србија и со 4 порази од Црна Гора, Литванија, БиХ и Летонија.
Почетокот на клучнито дуел со Летонците попладнево го почнавме лошо, а по само неколку минути имавме негатива од 10 поени. Во македонскиот табор се чувствуваше замор, а главните адути тешко се снаоѓаа со брзите и итри Летонци, кои не разбиваа со смислени акции и асистенции под кошот, за лесни поени. Стручниот штаб на нашата репрезентација, на челот со Алеш Пипан, како да ги преспале мечевите на Летонците и воопшто и не ја снимиле играта на противникот. Така барем личеше според прикажаното на паркетот во салата во Јесенице. Немавме противигра за брзите и експлозивни ривали кои ни го полнеа кошот, речиси без отпор. Тактика никаква, а тоа умешно го искористија Летонците за апсолутно заслужена победа.
Кај нас најефикасен беше Перо Антиќ со 16 поени, а само уште Гечевски имаше двоцифрен број на поени, 11. Пријатно изненади Владимир Брчков со 7 поени, но се чини дека 23-годишниот велешанец предоцна доби посериозна шанса да покаже што знае на ЕП.
Кај Летонците Јаниченокс и Берзинс постигнаа по 15 поени, а Бертанс и Мејерс уфрлија по 9 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


