ФИБА мафија ечеше во салата „Подмежакла“ во Јесенице од трибините со македонски навивачи, а погрдните извици му беа упатени на судијата Артеага од Шпанија, кој ни одзеде шанса да се обидеме да ја победиме Литванија. За жал загубивме со 75-67, најмногу по своја вина и со лоша игра, но на крајот и арбитарот му кумуваше на поразот. На 39 секунди до крајот при резултат 69-65, му досуди лична грешка на Тодор Гечевски, во момент кога без фаул ветеранот одзеде топка, а Лестер Бо Мекејлеб веќе беше во контранапад. Сепак, најмногу сме сами виновни за поразот, бидејќи одигравме слабо и во нападот и во одбраната. Под рекетот немавме решение за НБА центарот Валанчиунас кој ни даде 11 поени, а оствари и 7 скока. Калниетис ни даде 17 поени, а Мациулис уфрли 14. Во нападот имавме премногу загубени топки, и катастрофален шут за три поени од 21,4 проценти или само 6 тројки од дури 28 обиди.
Мекејлеб имаше лош ден и даде 11 поени, со доста утки и загубени топки. Најефикасен беше Владо Илиевски со 13 поени, а Перо Антиќ даде 12. За македонија ова е втор пораз во вториот меч на првенството и веќе немаме прави на кикс ако сакаме да се пласираме во втората фаза од шампионатот. Утре клучен меч за нас е против Србија, репрезентација која има две победи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


