| четврток, 6 декември 2018 |

Југословенски покер во Јесенице, со два аса од Балтикот

Југословенски покер составен од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во микс со двата кошаркарски аса од Балтикот, Литванија и Летонија, ќе играат во групата Б на Европското првенство во Словенија што почнува денеска. Во Јесенице овие 6 репрезентации ќе играат до 9 септември, а целта да се биде меѓу трите најдобропласирани селекции, што гарантира пласман во следната фаза од 12 селекции.

Групата е оценета како незгодна и веројатно и најтешка од сите 4 во првата фаза, што ветува возбудувања, неизвесност, а според формата на репрезентациите и одлична кошарка. Фаворити според реномето и минатиот труд би требало да бидат Литванија и Србија, селекции што имаат одлично минато. Но, кошарката носи изненадувања, а токму Македонија во 2011 година со освојување на четвртото место покажа дека фаворити има само на хартија.

„Република“ ќе се обиде да ви ги претстави учесниците во групата Б.

МАКЕДОНИЈА – Фаланга составена од искусни борци

На сладок начин во Литванија го загубивме епитетот изненадување во европската кошарка, со освојување на четвртото место. За влакно не направивме историски подвиг и не стасавме до бронзата, што ја загубивме со несреќното промашување на Дамјан Стојановски на само 7 секунди до крајот на малото финале. Но, тоа е минато, а сегашноста вели дека имаме состав што може да им парира на конкурентите од Б групата.

Предност ќе ни биде што за разлика од сите други селекции што ќе играат против нас во Јесенице, не го сменивме драстично составот. Лидери повторно ќе бидат Перо Антиќ, Бо Мекејлеб и Владо Илиевски, во одлична форма е Ѓорѓи Чековски, се врати и Тодор Гечевски, браќата Стојановски, Војдан и Дамјан се стандардни, игра и Предраг Самарџиски, што значи дека главните адути се тука, ќе настапат во Словенија. Искуството на тимот го потенцираат и противниците како голем плус за Македонија.

Не храбри и формата на репрезентативците, особено по успехот во Улм, каде ги победивме Грција, Германија и Босна и Херцеговина. И странските експерти, речиси без исклучок велат дека атмосферата во нашата репрезентација претставува значаен дел од одличните успеси на Македонија. Искуството од Литванија е непроценливо, кошаркарите се позрели, а очекувањата пораснаа до небо. Можеби и преголемиот оптимизам и очекувањата на целата нација да се освои дури и медал ќе бидат голем психолошки товар, но Антиќ, Мекејлеб, Илиевски и Гечевски се премногу искусни и квалитетни, за да паднат на тој испит. Сите играат или играле за добри европски клубови, во Антиќ добивме и прв Македонец што ќе игра во НБА лигата (Атланта хоукс), па се чини дека сега е вистинскиот момент за нов подвиг на ЕП. Имаме и квалитет и широчина во играта и одлични индивидуалци што знаат да одиграат вистински потег во вистински момент и тимски дух. Тоа не прави оптимисти за минување на првиот круг. Според проценките Македонија е фаворит број 3 во Б групата во Јесенице, зад Литванија и Србија.

Клуч на успехот: Лестер Бо Мекејлеб

Американскиот ас од Оклахома засекогаш ги освои срцата на Македонците, а од него очекуваме реприза на брилијантните партии од Литванија, кога апсолутно заслужено стана член на најдобрата петорка на шампионатот. Бо ни носи експлозивност во нападот, има луцидни решенија, не се плаши од никого и кога игра како што знае, просто е незадржлив за противниците. Тоа што ретко се забележува е дека игра извонредно и во одбраната. Неговиот смисол за кошарка е неверојатен, тој не им дозволуваше на противничките бекови во Литванија лесно да ни го пробиваат првиот одбранбен бедем, што во модерната кошарка е многу значајно. Тогаш е полесно да се координирате и на надворешните позиции и под обрачите, а Македонија играше можеби и најдобра одбрана од сите селекции во Литванија. Ако го повториме учинокот во тој сегмент и ги затвориме приодите кон кошот, тогаш имаме шанси за добар пласман.

Слаба точка: Скокот и играта под кошевите

Предраг Самарџиски е единствениот вистински центар во нашата репрезентација, а тоа е премалку за атак на медал. Особено поради фактот што во нашата група има неколку високи играчи со екстра квалитет и НБА искуство. Ненад Крстиќ, Јонас Валанчиунас, Никола Вучевиќ…. се одлични под обрачите и тука ќе треба да се добие битката, односно да не се дозволи голем јаз во освоените топки под својот и кошот на противниците. На Самарџиски мора да му се помогне, а таа улога ќе треба да ја одиграат Антиќ, Чековски и Гечевски.

 

ЛИТВАНИЈА – Балтички гигант на старите патеки на успехот

За Литванија која има богата традиција на успеси во кошарката, значаен шампионат без медал речиси секогаш е неуспех. На домашен терен пред две години ние ги разочаравме со историската тројка на Владо Илиевски. Овојпат во Словенија „Зелената шума“ нема да ја предводи легендарниот бек Шарунас Јасикевичиус, а токму на надворешните позиции се чини дека се најслаби. Калниетис, Делининкаитис и Јускевичиус ќе треба да ја пополнат празнината со отсуството на Јасикевичиус, но тоа нема да оди така лесно. Добра страна им е што имаат долга клупа со квалитетни поединци, а во подготвителниот период газеа се пред себе. Тие според сите параметри се фаворит број 1 во нашата група.

Клуч на успехот: Линас Клеиза

Моќното крило од Торонто е моторот на оваа генерација на Литванија. Ако се размавта, тогаш е екстремно тешко да се сопре, а има одлични решенија во нападот. Сега е поискусен, од него се очекува да биде лидер, заедно со браќата Лавринович. Линас има и солидно НБА искуство, знае да игра кошарка, физички е многу силен и ќе биде незгоден за чување. Особено поради фактот што Литванија е многу силна во рекетот. Браќата Лавринович се долга константа во европската кошарка, истото важи и за Јавтокас, а тука се младите НБА центри Мотиејунас од Хјустон рокитс и Јонас Валанчиунас кој е член на Торонто репторс. Не победија неодамна во Скопје со 62-50, а имаа одличен скор и во подготвителниот период, со што најавуваат амбиции за освојување на медал во Словенија.

Слаба точка: Борбеност и падови во играта

Литванците имаат мошне квалитетен и компактен состав, но сепак голема маана им е борбеноста и падот во играта, во моменти кога се крши резултатот. Имаат премногу ѕвезди што сакаат да солираат, а особено се истакнува Клеиза, кој знае непотребно да троши многу топки, што честопати е предност за противниците. Неколкумина кошаркари им играат во НБА, што понекогаш може да биде и минус, во однос на мотивите за игра и на планот на борбеност и тимски дух.

 

СРБИЈА – Полетни орли гладни за успех

Селекторот на Србија, Душан Дуда Ивковиќ едвај ја состави репрезентацијата, по отказите и повредите на неколку значајни кошаркари, особено Милош Теодосиќ, но „орлите“ прикажаа импресивни игри во предвечерјето на ЕП во Словенија. Млади, полетни, желни за докажување и успех, од сенка во прв план избија Анѓушиќ, Катиќ, Недовиќ, Марковиќ… Србите долго се надеваа дека популарниот Тео ќе биде подготвен за настап во Словенија, но и вака имаат состав за респект. Од нив се очекува да го минат првиот круг во Јесенице, а според рејтингот Србите се во кругот на главни фаворити во Јесенице.

Клуч на успехот: Ненад Крстиќ

Со 213 сантиметри височина и со кошаркарски вештини рамни на одличен бек, Крстиќ е еден од најкомплетните пивоти на ЕП. За него велат дека е вистински бек во тело на центар, а има многу вешти потези под обрачите. Технички е супериорен во однос на атлетски градените противници и знае „да продаде финта“ во вистински момент. Ќе му недостасува Теодосиќ, и играта два на два што ќе беше моќно оружје на Србите. Поените и скоковите на Крстиќ, но и соработката со играчите на надворешните позиции ќе биде клучна за добар пласман на нашите северни соседи. Без Теодосиќ играат побрзо, полетно, а тоа го покажаа и во подготвителниот период со серија од неколку победи.

Слаба точка: Неискуството  и отказите на неколку клучни играчи

Полетот носи бериќет и добри резултати, но сепак подготвителниот период не е премногу значаен репер за стилот на игра и резултатите на големите натпреварувања. Ивковиќ се соочи со многу откази, а стариот лисец експресно од негативна атмосферата ја претвори во пријатна за игра. Присуството на Дуда, особено за помладите играчи е голем плус, но се чини дека Србија премногу се потпира на Крстиќ. Слаб ден на центарот, кој има 30 години, може да им создаде многу проблеми на неискусните кошаркари, а нив ги има доста во составот на орлите. Пречка може да биде и преголемата желба за докажување, па честопати на помладите играчи им се случува да „изгорат“ во желбата да се наметнат.

ЦРНА ГОРА – Храбрите соколи во лов по подвиг

Голем удар за амбициите на Црна Гора на шампионатот во Словенија е откажувањето на НБА центарот Никола Пековиќ, член на Минесота тимбервулфс. За нив корпулентниот кошаркар многу значи, а нацијата очекуваше дури и битка за медал. Легендарниот Владе Дивац ги прогласи за први фаворити на ЕП, но тоа беше пред отказот на Пековиќ. Тој и Никола Вучевиќ од Орландо меџик сигурно ќе го сочинуваа најдобриот тандем центри во Словенија. Вака се чини спласнаа амбициите на Црногорците, но тие се борбена селекција и нема да се откажат. Им предвидуваат крај на настапот на ЕП уште по првата фаза, ама тоа се само прогнози на хартија. За нас ќе бидат особено опасни, бидејќи ни се први противници на премиерата денеска од 17,45 часот. Не победија во Литванија во идентични услови, во стартниот меч на шампионатот за двете селекции. Според прогнозите Црна Гора е фаворит број 4 во нашата група.

Клуч на успехот: Никола Вучевиќ

Се работи за извонреден талент, што веќе се промовира како одличен кошаркар и во НБА лигата. Висок е 210 сантиметри, со извонредна антиципација под обрачите и мека рака. Доволно е да се спомене дека имаше неверојатен просек од 13,1 поен и 11,9 скока во минатата сезона за Орландо меџик, што е дабл-дабл учинок, недостижен и за многу пореномирани имиња во НБА. Со 29 скока на еден меч, Вучевиќ го урна рекордот на Орладно, до тогаш во сопственост на легендарниот Шекил О`Нил. Црногорците со него имаат страшен адут под обрачите, а Вучевиќ е сличен профил како Крстиќ од српската репрезентација, само што е помлад. И тој има одличен шут, а и покрај тоа што Пековиќ нема да игра, центарот на Орландо ќе има солидна подршка под обрачите. Тука се и искусниот Благота Секулиќ и Бојан Дубљевиќ, па Црна Гора ќе има силни адути во играта под кошот.

Слаба точка: Бековските позиции

Иако го ангажираа одличниот плејмејкер од САД, Тајрис Рајс, нашите први ривали во Јесенице се најтенки на бековските позиции. Тука е „ахиловата пета“ на Црногорците, што ќе се обидат да ја „сокријат“ високите кошаркари.  Борис Бакиќ кој до скоро беше член на македонскиот шампион МЗТ Скопје ќе игра за Црна Гора на бековските позиции, а ќе му помагаат и неговиот брат Бојан и Никола Ивановиќ, заедно со Рајс. Тука се чини ќе биде главниот проблем на Црна Гора на шампионатот во Словенија.

Босна и Херцеговина – Мирзино јато го сонува успехот на фудбалерите

Мирзино јато е симболот за оваа генерација на Босна и Херцеговина, со алузија дека Мирза Телетовиќ е алфа и омега на репрезентацијата. Кошаркарот на НБА лигашот Бруклин нетс е движечката сила на БиХ и од него зависат многу работи кај ривалот од групата Б. Тоа беше одлично презентирано и на дуелот меѓу Македонија и БиХ на турнирот во Улм, пред нецела седмица. Кога игра Мирза, тогаш „босанската“ машинерија работи беспрекорно, но ако затаи ударот кај Телетовиќ, БиХ речиси и нема план Б. И останатите кошаркари имаат солиден квалитет, особено се истакнува Нихад Ѓедовиќ, кошаркар што ни задаваше многу проблеми и во Улм и во претходните квалификации за пласман на ЕП во Литванија. Сепак се чини дека работите во оваа селекција премногу зависат од Телетовиќ, а експертите предвидуваат дека БиХ тешко ќе се справи со предизвикот и поквалитетните селекции од нив во Б групата. Тие се рангирани како петти фаворит во Јесенице.

Клуч на успехот: Мирза Телетовиќ

Моќното крило на Бруклин има ѓаволски добар шут од далечина и ако влезе во серија е опасен за секоја репрезентација. Со просек од 25 поени на трите натпревари во Улм, Телетовиќ беше најдобар стрелец на турнирот. Патем одлично ја користи и височината од 206 сантиметри и физичката сила и честопати лесно поентира и под обрачите. Карактеристика му е што тој наметнува темпо со брзина и експлозивност, а не му се мисли многу кога треба да упати удар и зад линијата за три поени. Од БиХ може да се очекуваат ефикасни партии, многу поени на првенството, а таканаречената „run and gun“ игра или „трчај и шутирај“ ќе биде заштитен знак на оваа селекција предводена од Телетовиќ.

Слаби точки: Одбраната

Овој елемент во играта на БиХ како и да не постои. Се е подредено на брз напад, на бркотница на теренот, а ако противниците дозволат таква игра тогаш лесно може да се извлече подебелиот крај во дуелите со Мирза и неговото јато. За нив лек е побавно темпо, со смислени акции, бидејќи не обрнуваат многу внимание на одбраната. На неколку натпревари потврдија дека се одлично технички подготвени кошаркари, што им е карактеристика на сите балкански селекции, но за разлика од Македонија, Србија и Црна Гора, Босанците не се грижат многу за играта во одбраната, што на вакви турнири е голем минус.

ЛЕТОНИЈА – Аутсајдер без бело знаме

Летонците се аутсајдери, но таквите селекции се најопасни. Огромни проблеми им создаде отсуството на Давис Бертанс и на Андрис Бједринш, кошаркар што има НБА искуство. Во годините пред Првата светска војна Летонците заедно со Литванија беа главна кошаркарска сила во Европа, а и во селекцијата на поранешниот СССР имаа репрезентативци и големи имиња од калибарот на Валдис Валтерс, кој е легенда на советската кошарка. Во составот што ќе настапи во Словенија немаат екстра ѕвезди, но се солидни како тим. Тие според прогнозите се рангирани како најслаба селекција во нашата група.

Клуч на успехот: Јанис Блумс

Поранешниот играч на Литвос Ритас, сега во Астана, е сличен профил на играч како Телетовиќ, само е многу понизок и игра на позицијата бек-шутер, Има прецизна рака и одличен мек шут. Ритамот во играта секогаш го држи на високо ниво и е опасен тројкаш. Има одлично искуство и со 31 година е меѓу највозрасните во летонскиот состав. Јанис астапуваше во силни лиги како што се италијанската каде играше за Елдо Наполи и во Шпанија за Билбао Баскет.

Слаба точка: Скромен ростер

Отсуството на полетниот Давис Бертанс кој имаше одлична сезона во Партизан и блесна со одличните настапи во Евролигата и на корпулентниот Бједринш тешко се надоместува. Летонците ќе се обидат со тимска игра да ги пополнат празнините, но се чини дека тоа ќе оди многу тешко. И традицијата е против нив, а вели дека од 6 настапи на последните шампионати, само еднаш во 2001 на ЕП во Турција ја минаа првата фаза. Токму на тоа првенство го остварија најголемиот успех во модерната ера на кошарката, со пласман на осмата позиција.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top