Специјализираниот шпански портал за кошарка „La Voz Del Basket“ во анализа на играта и квалитетот на македонската репрезентација, предвидува дека максимум за Перо Антиќ, Бо Мекејлеб, Владо Илиевски и останатите наши кошаркари е пласман во четврт-финалето на ЕП во Словенија.
„Триото Антиќ-Мекејлеб-Гечевски е голем адут на Македонците. Капитенот Антиќ има одличен шут од далечина, а слаба точка му се слободните фрлања и тоа што не сака премногу да игра под кошевите. Сепак, Атланта хоукс не зема кошаркари што не вредат. Мекејлеб е мозокот на тимот, а потврда на квалитетот е местото во првата петорка на минатиот шампионат во друштво на Паркер, Наваро, Кириленко и Пау Гасол. Брз, експлозивен и продуктивен, Бо е главниот играч на македонската репрезентација. Гечевски е ветеран, има 36 години, но таков кошаркар посакува секој тренер. Мудар и многу вреден кошаркар, што умешно знае да си ја искористи техниката иако не е премногу силен физички. Гечевски е одличен и во пик-ен-рол играта и неговото враќање во составот е голем поттик за Македонија“, стои во дел од анализата.
Добри страни на нашата репрезентација според новинарите на „La Voz Del Basket“ е компактниот состав, што е речиси ист со тој што го освои четвртото место во Литванија пред две години.
„Играта под обрачите на Антиќ може да биде клуч за добар развој на настаните за Македонија. Ако Перо почесто се пробива под кошот, тогаш може да се очекува ново изненадување од Македонците. Тој знае да проигра и на надворешните позиции, да постигне кош под обрачот, да изнуди слободни фрлања. Податокот што не го сменија составот драстично, односно им остана костурот на екипата, е голем плус, а за дел од играчите ова ќе биде простување со репрезентацијата, па мотивите да се замине со успешен настап можат да бидат голем мотив. Лоши страни им се одбраната, слабото изведување на слободните фрлања и психолошкиот товар дека мораат да го повторат успехот од Литванија. Лошо е што Македонија има и тешка група со некогашните републики од Југославија и двете балтички селекции. Максимум за нив е пласман во четврт-финалето“, пишуваат експертите од „La Voz Del Basket“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.