Филип Деспотовски се врати во Вардар, а нов играч на македонскиот шампион е и напаѓачот на Еуромилк, Антонио Бујчевски. Двете засилувања веќе ги договорија сите детали со Управата на Вардар, а Деспотовски и потпиша договор, додека Бујчевски тоа ќе го стори деновиве.
За 30-годишниот играч од средниот ред, Деспотовски ова ќе биде „трета среќа“ во клубот, откако играше за Вардар во 2004 година, а потоа повторно се врати во 2007 година и играше две сезони. Тој доаѓа во редовите на првакот од Тетекс.
Бујчевски е перспектива на македонскиот фудбал, има 23 години, а се наметна со добри игри во Еуромилк. Лани беше меѓу најдобрите стрелци во втората лига, а продолжи со гол-серијата и на стартот од новата сезона во прволигашкото друштво.
– Ќе играм за Вардар, бидејќи тоа е предизвик за секој играч. Веќе одлучив да се приклучам во редовите на шампионот – вели Бујчевски.
Квалитетот 23-годишниот шпиц го презентираше и во последното коло кога на Работнички му даде два гола во ремито, 2-2 против фаворитот. И двајцата играчи имаа аматерски договори со Тетекс и Еуромилк, па Вардар ќе мине без отштета, односно ќе ги плати само трошоците за трансфер, предвидени со правилникот на ФФМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.