Македонија игра одлично во вистински момент непосредно пред стартот на Европското првенство во Словенија, а убаво ни оди во Улм, каде по Грција ја победивме и Германија. Домаќините беа немоќни пред рафалната стрелба на Мекејлеб, Антиќ, Чековски, Илиевски, браќата Стојановски и сите останати репрезентативци на Македонија и мораа да ни честитаат на победа од 81-67.
Разликата ја направивме со извонредна игра во втората четвцртина која ја добивме со 22-8, а потоа само ја одржувавме разликата. На полувремето Македонија имаше предност од 12 поени, 43-31.
Мал проблем за селекторот Алеш Пипан е повредата на Антиќ, но веројатно не се работи за сериозен проблем. Капитенот излезе од игра во 32 минута од мечот, а нашиот стручен штаб не сакаше да ризикува и Антиќ до крајот не влезе во игра.
Осум македонски кошаркари се запишаа во листата на стрелците, а најефикасен беше Ѓорѓи Чековски со 16 поени. Мекејлеб повторно беше на посакуваното ниво и дуелот го заврши со 14 поени, а два помалку од него даде Тодор Гечевски. По 11 поени постигнаа Антиќ и Дамјан Стојановски. Владо Илиевски имаше 10 поени и по четири скока и асистенции.
Вчера ја победивме и Грција во премиерниот меч на турнирот во Улм , со 77-75, а утре од 17 часот ќе играме со БиХ, селекција што ќе ни биде противник во првата фаза на ЕП во Јесенице.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


