| четврток, 6 декември 2018 |

Одлични три четвртини за Македонија, во последната постигнавме само 1 поен за пораз од Словенија

Македонија одигра одлични три четвртини против Словенија, но го расипа впечатокот со катастрофалните финални 10 минути кога нашите кошаркари постигнаа само 1 поен и го загубија мечот со 54-63. Во Литија на подготвителен меч покажавме дека имаме добар материјал и без Лестер Бо Мекејлеб и без Перо Антиќ, а предупредување дека на ЕП во Словенија нема да биде лесно ни беше последната четвртина. Ја загубивме со 1-16 во поени, што е еден од најслабите биланси според ефектот во историјата на кошарката.

Да не беше Дамјан Стојановски и неговиот погодок од слободно фрлање, можно е да го завршевме последниот период без постигнати поени, што е вистински раритет во светската кошарка. И вака е лошо и многу го расипа добриот впечаток што Македонија го презентираше 30 минути на паркетот во Литија.

Сепак, добро е што сѐ уште се подготовки и има време за корекции. Словенците беа во подредена положба цели три четвртини и немаа решение за колективната игра на гостите од Македонија. Ѓорѓи Чековски погоди три тројки, Војдан Стојановски беше расположен за игра и незадржлив за одбраната на Словенците, а и сите останати македонски кошаркари играа на високо ниво. Имавме предност од 63-57 пред стартот на решавачкиот период, што беше најава за победа. И, тогаш ни се случи огромен пад во играта. Домаќините ја стегнаа одбраната, нам нападот не ни беше ни приближно на рамниште од претходните три четвртини, па се изнамачивме да го постигнеме и тој еден поен, што е мизерно за многу послаби репрезентации од четвртата европска сила од претходното ЕП во Литванија.

Селекторот Алеш Пипан го оправда тоа со изјава дека „нозете сѐ уште се тешки од подготовките“, но само еден поен за 10 минути е силно предупредување како не смееме да играме на шампионатот во Словенија од 4 до 22 септември. На почетокот на август ќе се приклучат и Мекејлеб и Антиќ, по што ќе следи финална глазура на формата на Крањска Гора. Македонија на ЕП ќе почне во група со Србија, БиХ, Црна Гора, Литванија и Летонија, а натпреварите ќе се играат во Јесенице. Само трите најдобропласирани селекции одат понатаму во следната фаза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top