Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Алеш Пипан, е оптимист пред стартот на Европското првенство во кошарка во Словенија, кое ќе се игра од 4 до 22 септември. На средба со новинарите, Словенецот вели дека двајцата клучни играчи Перо Антиќ и Лестер Бо Мекејлеб недостигаат на почетокот од подготовките, но кога и тие ќе се приклучат, Македонија ќе има со што да се пофали и да презентира во неговата родна земја.
– Немаме голем фонд на кошаркари, но имаме исклучително квалитетни играчи и затоа сум оптимист кога станува збор за шансите на Македонија на Европското првенство во Словенија. Утре патуваме таму, а ги очекуваме и Антиќ и Мекејлеб да ни се приклучат. Ќе играме пријателски средби со Украина и Словенија, по што ќе заминеме за Крањска Гора – изјави Пипан.
Антиќ е во Атланта, каде што треба да ги помине лекарските прегледи, да го верификува 2-годишниот договро со „Хокс“ и да стане првиот македонски кошаркар што ќе биде дел од НБА лигата. Новиот „јастреб“ потоа ќе се приклучи на подготовките на нашата репрезентација. Мекејлеб има нешто подолг одмор, а и тој ќе допатува директно во Словенија.
– На подготовките во Словенија ќе ги наполниме акумулаторите, што ќе ни биде добра основа за добар резултат на Евробаскетот. Сега нема да ја имаме предноста од Литванија, кога не нѐ познаваа доволно. Овојпат ќе нѐ респектираат, но и ние си имаме адути. Играме сѐ подобро, репрезентацијата расте како што одминува времето, кошаркарите се поискусни и верувам дека трендот на добри резултати ќе продолжи и во Словенија – изјави Предраг Самарџиски.
Македонија е во група со Србија, БиХ, Црна Гора, Литваниј и Летонија, а натпреварите во првата фаза ќе се играат во Јесенице. Само трите најдобропласирани селекции од оваа фаза ќе продолжат со настапите на ЕП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


