Раководството на женскиот ракометен клуб Вардар почна со подготовките. Примарна цел на клубот, како што нагласија на денешната прес-конференција, е пласман во Лигата на шампиони.
За таа цел клубот со новиот спонзор Сергеј Самсоненко купи сѐ што можеше да се купи во ракометна Европа.
– Успеавме да доведеме повеќе ракометарки од тоа што го посакував кога го преземав клубот. Сепак, рано е за некакви прогнози и амбиции. Целта е пласман во ЛШ, а потоа и сѐ што следува – изјави спонзорот на тимот Сергеј Самсоненко.
Подготовките се почнати во Скопје, каде што ќе останат неколку дена, по што следува учество на турнири надвор од Македонија.
– На 22 јули одиме на Златибор каде што остануваме до 11 август. Се враќаме во Скопје и продолжуваме за Пореч. Во август е планирано учество на турнир во Ѓер, кој ќе биде вистински тест за нашите сили. На 1 септември го почнуваме учеството во региналната лига против Крим, но, сепак, мислите се насочени кон квалификацискиот турнир за ЛШ во Салерно – изјави првиот тренер на вардарки, Индира Кастратовиќ.
– Многу ѕвезди во тимот може да направат проблем. Но, сите тие се професионалки и знаат зошто се дојдени во Скопје. Целта е да функционираме како едно семејство, кое ќе работи напорно и кое само така може да успее. Јавноста не треба да нѐ форсира и веднаш да бара резултати бидејќи во ниту еден момент не изјавивме дека ќе атакуваме на самиот врв на Европа – додаде Кастратовиќ.
Споредбите со Кометал Ѓорче Петров се сосема логични при почнување на еден ваков проект. Тој тим пред 10 години играше три финалиња во ракометна Европа и еднаш се искачи на пиедесталот.
– Проектот на ЖРК Вардар е на подолг рок. Кометал е веќе завршена успешна приказна. Во Вардар ќе има и подеми и падови и треба да се биде трпелив. Секако резултатите нема да изостанат. Бројните засилувања укажуваат на различноста во играта, што ќе биде наше главно оружје. Целта е Вардар и Македонија да го заземат местото од пред десетнина години – истакна претседателот на клубот Гордана Нацева.
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.