| четврток, 6 декември 2018 |

Васо Ристов е „момче за се“ во културата: Можно ли е четири високи функции да обавува истовремено?

Едно лице да извршува повеќе одговорни и јавни функции е мошне тешко, а кај нас тоа некако станува практика. Толку ли нема способни луѓе во државава, па мора едни те исти да извршуваат повеќе функции. Деновиве се обративме со неколку прашања до Министерството за култура токму по еден ваков повод. Имено, Васо Ристов, актуелниот директор на МОБ, Продекан на Факултетот за музичка уметност, Музички селектор на фестивалот „Охридско лето“ и претседател на Комисијата за култура извршува 4 (четири) високи функции истовремено.

На прашањето „Како е можно една личност да има 4 високи функции и да ги обавува истовремено: Продекан на ФМУ, Претседател на комисија за култура, Музички селектор на Фестивалот „Охридско лето“, директор на МОБ?“ од Министерството за култура ни го испратија следниов одговор:

-Функцијата продекан на ФМУ, на професорот Ристов престанува со негово назначување за директор на МОБ. Останатите ангажмани како претседател на комисија при МК и селектор на Охридско лето имаат мандат од една година и завршуваат со реализацијата на фестивалот и на Програмата за оваа година.

Како не се најде некој друг да ја селектира музичката програма на „Охридско лето“ или да претседава со Комисијата во Министерството за култура? Туку токму продеканот на Факултетот за музичка уметност, кој подоцна е избран за директор на МОБ. Секако овде не станува збор за неспособен кадар. Напротив, никој не ја оспорува стручноста на Ристов, но зошто се кумулираат функции во една личност?

На прашањето Како Васо Ристов како актуелен претседател на Комисијата за култура си додели 3.000.000,00  денари, а потоа со анекс-договор за „Охридско лето“, каде е актуелен селектор за музичка програма? Од Минстерството за култура одговараат:

-Селекторите на програмите  на Охридско лето имаат функција да предложат и да конципираат програма за фестивалот, која потоа се усвојува од УО. За средствата кои се доделени со анкес-договор на Охридско лето,  селекторот на музичката програма Васо Ристов има дадено изјава во Министерството за култура дека се иззема од таа одлука, поради судир на интереси, и не е потпишан на извештајот по одлуката.

И повторно, се враќаме на она, зарем нема кој друг да биде селектор на фестивалот „Охридско лето“ за да не доаѓа до вакви судири на интереси и изземење. Ристов е истакнат уметник, кој зад себе има богата меѓународна професионална кариера. Има дипломирано на ФМУ во Скопје, а магистерските студии ги продолжува на музичката академија „Панчо Владигеров“ – Софија, Бугарија, а потоа и специјализација на ФМУ – Прага, Република ЧешкаНо, мора ли сите овие четири функции да се кумулираат?

И како актуелен претседател на Комисија за култура си додели 3.000.000,00 денари за нарачаната оперска претстава „Скендербег“, а потоа со анекс-договор уште 2.000.000,00 денари за истата претстава.

-Комисијата за музичко-сценска дејност при Министерството за култура ја разгледа апликацијата за операта „Скендербег“ за која е одлучено да се поддржи како уште една премиера на МОБ, со образложение дека се  работи за голем и значаен проект за МОБ. Овој проект е во рамки на одбележување на годината на Скендербег кога се одбележуваат 550 години од смртта на Ѓерг Кастриот Скендербег. Во претставата учестуваат голем број меѓународно познати уметници. Комисјата даде позитивно мислење по проектот и предложи тој да се вметне во програмата на МОБ, што беше усвоено од министерот за култура Асаф Адеми. Кога беше донесена оваа одлука,  Васо Ристов не беше назначен за директор на МОБ, одговорија од Министерство за култура.

Арно ама, кога се избираше директор на МОБ се сметаше ли дека можеби ќе дојде до судир на интереси повторно? Бидејќи Ристов како актуелен директор на МОБ и претседател на Комисијата за култура сам си потпишува и сам си пушта пари. Дали е тоа законски?

 –Членовите на комисиите во МК имаат едногодишен мандат, и во екот на работата на комисијата, по завршувањето на Конкурсот,  г-динот Ристов не беше назначен за директор на МОБ. Мандатот на овие комисии истекува во декември, велат од Министерство за култура.

Васо Ристов од 1986 до 2010 беше вработен во МОБ како прв трубач- солист, беше уметнички директор на Операта (2005 – 2006). Член е на Здружението на музичко балетски педагози, претседател на асоцијација на дувачки оркестри во Македонија и член на асоцијацијата за југоисточна Европа за дувачки оркестри.

Во периодот додека Ристов беше уметнички директор на Операта, револтирани музичари потпишуваа петиција за негово разрешување.

-Бараме смена на уметничкиот директор на Операта, Васо Ристов и на шефот на Оркестарот, Наталија Андреевиќ поради нивното лошо раководење со Операта, револтирано  велеа тогаш музичарите.

Тогаш од прес-конференциите по состанокот на незадоволните вработени во Македонската опера и балет, медиумите информираа дека револтот на вработените во МОБ пораснал откако Ристов, и покрај писмената покана, повторно не се појави за да ги слушне проблемите на вработените во оваа институција.
Незадоволството во Операта еруптираше со доцнењето на средствата за потрошен материјал и кирија за инструментите за месец октомври, како и нерешениот статус на хонорарците на кои им било ветено дека во МОБ ќе се вработат преку Музичката младина на Македонија – секција Скопје. Според нив, неразумно е барањето на Ристов да врши реаудиција на новите членови на Оркестарот кои треба да потпишат нови двегодишни договори, кои се со полоши услови од старите.
-И да ги исполнат нашите барања, ние за пет дена стапуваме во штрајк, велеа музичарите, а откажаната камерна опера “Таен Брак”, сепак се одржа, но само со клавир придружба и пејачи, без оркестар.

На прашањето: Дали имате информации како Ристов ја водеше краток период Операта од 2005 година?, од Министерството за култура кусо ни одговорија:

-Васо Ристов бил уметнички раководите на МОБ во периодот од 2005, 2006 и дел од 2007 година, не и менаџер на ова национална установа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top