Министерството за култура денеска одржа прес-конференција во врска со, како што информираа „скандалозниот филм “Ругање со Христос” финансиран од агенцијата за филм во 2015-та“.
Министерството има забелешки на прикажувањето на војниците на ОНА во филмот, а тоа го процениле според трејлерот кој го виделе, и притоа се оградуваат од него како Министерство и актуелниот состав на министерството.
-По објавување на трејлерот на филмот, во кој војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи, Министерството за култура на Република Македонија објаснува за јавноста дека овој филм нема никаква врска со Министерството за култура и актуелниот состав на министерството, туку е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година, стои во дописот испратен од Министерството за култура, како говор на Министерот.
Притоа во говорот на Министерот наместо „трејлер“ стои „трилер“.
Министерот за култура, Асаф Адеми, пак вели:
-Министерството за култура се дистанцира од овој филм, го осудува јазикот на омраза кој го поттикнува тој и истакнува дека актуелниот состав на Министерството останува посветен на подржување на култура и културни проекти кои го почитуваат другиот, кои ги разбираат другите и кои афирмираат универзални културни вредности. Ние како министерство ќе градиме тесна соработка со актуелните раководители на Агенцијата за филм, за преземање на сите потребни законски чекори, со цел овој филм да не му наштети на соживотот на народите во Македонија.
Адеми потенцира дека откако го видел сценариото и ја разгледал документацијата, врз основа на член 60 од Законот за филмска дејност, донесол решение за спроведување на инспекциски надзор за утврдување на почитувањето на законската регулатива и другите прописи од областа на законот за филм.
Притоа министерот на прес конференцијата ги навел лицата кои дале дозвола за овој филм и декa одлуката ја потпишал тогашниот директор на Агенцијата за филм Дарко Башески, но во текстот испратен до медиумите тие не се набројани, а подолу во дописот се потенцира дека во списокот нема ниту еден Албанец.
Од испратениот допис не може да се види составот на комисијата.
Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со 18.000.000 денари (над 290.000 евра), под работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Васо Ристов е „момче за се“ во културата: Можно ли е четири високи функции да обавува истовремено?
-
Министерството за култура ќе распише нови огласи за поништените седум конкурси за директори
-
Новиот закон за култура ќе има контрола врз темите, идеите и пораките што ги праќаат творбите и филмовите
-
Министерот за култура, Асаф Адеми се заложи за изградба на театар во Гостивар