Четириесет музејски професионалци и лица со попречености од повеќе од 20 града на Балканот и пошироко, учествуваат на меѓународната конференција „Балкански музеи без бариери #2” (Balkan Museums without Barriers #2, BMwB#2) во Скопје.
Конференцијата ќе се одржи од 20 до 21 јуни 2018 година во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, во организација на Балканската музејска мрежа и Фондацијата Културно наследство без граници од Босна и Херцеговина.
Конференцијата е платформа на размена на знаење и искуства за работата на музеите и културните институции со глуви и лица со попречености. За време на конференцијата, ќе се дискутира за прашањето на зголемување на пристапноста на музеите и културните институции, а ќе бидат презентирани и различни примери од праксата.
„Меѓународната конференција „Балкански музеи без бариери #2” не само што овозможува да се слушнат различните гласови, туку создава и основа за идни партнерства и акции за попристапни музеи и останати објекти на културното наследство. Врз основа на досегашните достигнувања, овој настан ќе ги промовира и зајакне партнерствата меѓу лицата со попречености, нивните организации и музеите“ истакна Ирена Ружин од Управниот одбор на Балканската музејска мрежа.
За време на дводневниот настан, учесниците ќе имаат можност да слушнат инспиративни презентации како и да земат учество во интерактивните работилници. На првиот ден од конференцијата, предавање ќе одржи д-р Рејчел Гадсден, позната визуелна уметница и уметнички директор од Велика Британија, во кое ќе зборува за нејзиното искуство во развивање меѓукултурни дијалози земајќи ги во предвид универзалните концепти на човештвото.
На конференцијата ќе се одржи и интерактивна сесија со Ана Јанина, тренер и консултант, која работи на полето на социјална инклузија и зголемување на свесноста за попреченостите. Јанина ќе зборува за различните принципи и за примерите на успешна пристапност и инклузија.
Групата за пристапност на Балканската музејска мрежа, во која членуваат претставници од шест земји и која е главната база на знаења и вештини за балканските музеи, ќе одржи посебна сесија во која ќе се презентира нивната работа во партнерство со лицата со попречености и нивните здруженија.
„Особено задоволство ни претставува да бидеме домаќини на колегите од музеите и нивните партнери од здруженијата на лицата со попречености во нашиот новоотворен музеј. Пристапноста и инклузијата се важни вредности кои ги негуваме во нашата работа во музеј кој е наменет за сите без оглед на возраста, потеклото или верувањата. Како членови на Балканската музејска мрежа добиваме можност за регионална соработка и за споделување на нашата работа“, рече Горан Садикаријо, директорот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во Скопје.
Како дел од конференцијата, претставниците на музеите ќе можат да ги споделат резултатите од нивните проекти преку постер-презентации. На крајот од конференцијата ќе се награди и најдобар постер.
Балканската музејска мрежа (БМН) и Фондацијата Културно наследство без граници од Босна и Херцеговина (CHwB BiH) се залагаат за инклузија на лицата со попречености во презентацијата на музејските колекции, изложби и активности. Првата конференција „Балкански музеи без препреки“ беше организирана во Сараево, 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.