| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот лик на Скопското кале – три музеи за прошетка низ вековите (ФОТО)

Предвидени се и места за одмор, сувенирници, мултимедијални центри, конзервирани целини на дел од откриените недвижни објекти, што се заедно на впечатлив начин треба да сведочи за опстојувањето на овој простор низ вековите. Во рамки на археолошките истражувања на овој простор е откриена бронзенодобна населба и монети на македонските антички кралеви Александар Македонски и Антигон Гонат

Трите музеи на Скопското кале, за праисторискиот, отоманскиот и средновековниот период, преку постојани поставки ќе овозможат да се согледа егзистенцијалниот континуитет на луѓето кои престојувале на овој простор низ наведените епохи. Во ова ќе помогнат преку 13.400 артефакти, од кои над 4000 монети пронајдени во текот на интензивните истражувања.

Во музеите ќе бидат организирани постојани музејски поставки, каде што ќе може низ најсовремени музејски концепции да се проследи животот и активностите на просторот на Скопското кале. Сето тоа најдиректно произлегува од обемните археолошки ископувања. Музејот на праисторијата ќе биде единствен објект, комбинација од амбиентален и стандарден музејски пристап.

kale-1

Музејската зграда е специјално проектирана и изградена директно врз оригиналните археолошки остатоци, поточно врз остатоците од една енеолитска куќа земјенка (5 милениум пред Христа), една куќа од раното бронзено доба (3 милениум пр.н.е) и дел од одбранбен земјен бедем со заштитен ров од средното бронзено доба (2 милениум пр.н.е). Нивното претставување е во нивната оригинална позиција, на 7 метри под површина на земјата, како остатоци од најстарите три населби документирани на Калето. Над нив, на две различни нивоа се организирани 20 витрини, во кои ќе бидат изложени најзначајните наоди. Сето тоа ќе биде придружено со специјално моделирани амбиенти и богат илустративно информативен материјал.

kale-2

Таблите и патоказите веќе се направени и се очекува по завршувањето на институционализирањето на Скопското кале да бидат отворени музеите кои се на неколку нивоа.

kale-4

Ревитализацијата на скопскатата тврдина Кале е проект на Владата, во рамки на кој од 2007 до 2012 година во континуитет се вршеа целосни системски археолошки истражувања на кои работел стручен тим од 300 луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top