Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска престојуваше во работна посета на Кавадарци, каде што заедно со градоначалникот Александар Панов го посети Музејот на вкусовите, кој е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде промовиран пред јавноста. Во Музејот се претставени 500 експонати од кои дел се во негова сопственост, а дел се од приватни колекционери и низ нив се презентира несекојдневна поставка која ги доловува начинот на живот, обработката на земјата, производството на храна, лозарството и сето она со што се занимавале луѓето кои живееле во овој крај.

Канческа-Милевска денеска го посети и Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ каде што се обрати на отворањето на изложбата на уметнички дела создадени од тиквешките ликовни уметници кои живеат или се со потекло од Кавадарци.
-Денеска ја отвораме изложбата на 25-те вредни остварувања на уметниците од Кавадарци кои се вистинско богатство и кои симболично, со денешниот настан, ќе и бидат подарени на општината Кавадарци како гест на благодарност до градоначалникот Александар Панов за неговиот придонес и ангажман во негувањето на културните вредности во овој град – истакна Канческа-Милевска.

Од Кавадарци потекнуваат голем број уметници, кои со своето творештво силно ја промовираа македонската уметност во светот. На изложбата се презентирани дела од: Петар Мазев, Глигор Чемерски, проф. Симон Шемов, Владимир Темков, Ристо Соколов-Сокол, Елпида Хаџи-Василева, која годинава ќе ги брани боите на Република Македонија на престижното Биенале на уметноста во Венеција и други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


