На минатогодишниот семинар за трговска и економска соработка, организиран од страна на македонското МНР и Амбасадата на СР Виетнам во Македонија, беа презентирани виетнамската економија и можностите за економска соработка. Ова само ја постави платформата за континуирано градење на економско-трговските односи меѓу овие две земји.
Извршниот директор на Македонскиот совет за надворешна трговија Азија-Пацифик, Владимир Кофчегарски, деновиве во Ханој се сретна со директорот за Европа при Министерството за трговија и индустрија на Виетнам – Данг Хоанг Хаи и заменик- директорот Нгујен Дук Тхонг, каде што беше разговарано за конкретни економски проекти кои имаат цел да ја зголемат трговската размена како и намалување на трговскиот дефицит на Македонија со Виетнам.
– Оваа посета беше за да се продолжи она што по минатогодишната посета на Виетнам го почна министерот за надворешни работи, господин Никола Поповски, од страна на македонската влада. Вратата за трговска размена со Виетнам е отклучена, сега е ред на македонските компании, заеднички и агресивно да навлеземе во овој пазар. Имаме огромен потенцијал во Виетнам, нашите поизводи се конкурентни во однос на цена и квалитет и се надевам дека со потпишувањето на договорот за двојно оданочување ќе се зацврсти нашата позиција за поефикасен влез на овој пазар од 88 милиони конзументи – потенцира Кофчегарски.
Македонија и Виетнам наскоро треба да потпишат билатерален договор за заштита на инвестиции и двојно оданочување, кој би го олесниле патот за зголемена трговска размена.
– Ние сме подготвени да ја продлабочиме економската соработка меѓу нашите земји. Нашата економија постигнува фантастични резултати во трговската размена со Европа, но секогаш можеме повеќе. Господин Кофчегарски ни презентираше интересни проекти за некои сегменти од нашата економија кои моментално забележуваат послаби резултати во однос на минатите години и воопшто не ја исклучуваме можноста овие проекти во иднина да станат реалност. Македонија е одлична дестинација за нас, мала, но, сепак, многу важна влезна карта за европскиот пазар, затоа бевме и експедитивни со одговорот за двојно оданочување, кој моментално е на разгледување од ваша страна – изјави Нгујен Дук Тхонг
Виетнам во 2015 година треба да потпише договор со ЕУ за двојно оданочување, моментално имаат позитивна трговска размена од 8 милијарди долари. ЕУ, и покрај тоа што имаат трговски дефицит со Виетнам, од политички причини го одложува потпишувањето на овој договор, што за нас како земја претставува голем предизвик и шанса да го искористиме тој период, за Македонија во меѓувреме да може да биде одлична дестинација за виетнамските инвеститори.
– Моментално некои сегменти од нивната економија доживуваат пад од 20% кон ЕУ, на средбата им посочивме дека мора да ги консолидираат своите бизниси и заеднички да настапат и влезат во Македонија со отварање на неколку капацитети за преработка на морска храна од каде што преку Македонија ќе бидат конкурентни коиристејќи ги нашите даночни бенефиции и договори со земјите од ЕУ – изјави Кофчегарски
Покрај Ханои, Македонскиот совет за Надворешна Трговија беше во дводневна посета на Ho Chi Minh City (Сајгон), економски дистрикт во Виетнам, каде македонските производи беа презентирани на дистрибутери кои се специјализирани за увоз на храна и пијалаци од Европа.
-Таргетиравме неколку големи дистрибутери во Сајгон кои знаеме дека можат да ги додадат нашите производи на нивните портфолиа. Презентацијата беше успешна, наскоро ќе следува втората фаза каде нашите производи ќе треба да бидат тестирани и последната фаза каде со наша помош ќе ја креираме маркетинг стратегијата за влез во Виетнамските супер-маркети, додаде Кофчегарски.
Виетнам е 43 – та земја во светот по големина на економијата која во последните неколку години забележува раст повеќе од 5 %.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.