Не се китите со туѓи перја, смешни сте! Бидете задоволни од изгледот, такви какви што сте и останете секогаш љубопитни, многу внимателни и добри, е пораката која ја испраќа куклената претстава „Тоби“ чија премиера се одржа во средата навечер во Театарот за деца и младинци. „Тоби“ несомнено ќе биде новата хит-куклена претстава во ТДМ.
Првпат на сцената на ТДМ публиката виде кукли во природна големина. На малата сцена на Театарот видовме слон, жирафа, тигар, паун, штрк, зајак и едно куче јазовичар по име Тоби кое е незадоволно од својот изглед. Бил долг како колбас, имал уши чаршави, куси криви нозе… Тоби, за среќа, за пријателка ја има госпоѓата Флора, која не го осудува Тоби за неговите комплекси за изгледот, туку итро му советува на Тоби како да се пронајде себе. Го испраќа во зоолошка градина за таму да ги сретне животните и да одлучи на кого сака да личи. Тоби, со помош на пријателите на крај ќе се види од еден друг, поинаков, среќен агол.
Во „Тоби“ играат Марија Ѓорѓијовска, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Ана Левајковиќ Бошков и Мики Анчевски. Креацијата на куклите, костимите и сценографијата е на Ирина Сомборац од Белград, со помош на Кирил Василев и Љубица Велкова како помошници. Видео анимацијата е на Емил Петро, композитор е Виктор Апостолоски. Режисер на претставата е гостинот од Белград Драгослав Тодоровиќ, кој третпат соработува со ансамблот на ТДМ, по „Силјан штркот шанца“ и „Јаде Задрогаз“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.