| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на македонска музика: „Монохроматика“- концерт на млади во Даут-пашин амам

Новите хоризонти на македонското музичко творештво и исполнителство се континуиран процес на фестивалот „Денови на македонска музика“. Фестивалскиот подиум на млади овозможува да се создаде компактна, генерална слика за тоа, каква е патеката на движење на современата музика на нашето поднебје. „Деновите на македонска музика“ вечерва својот подиум ќе го отстапи на група студенти кои во Даут Пашиниот Амам во Скопје ќе го претстават аудио-визуелниот перформанс „Монохроматика“. На концертот ќе настапат Ива Дамјановски (пијано), Ивана Стојановска (сопран), Тамара Коминовска (пијано), Ема Ананиевска (пијано), Антоние Весковски (перкусии), Верица Ајтовска (виола), Ивана Јордановска (сопран) и Весна Ангеловска Христов (пијано) кои ќе изведат композиции на Дарија Андовска, Горан Начевски, Андреј Блажевски, Никола Коларовски, Маријана Јаневска, Ангел Спироски, Александар Пејовски, Антоние Весковски, Драгослав Ортаков и Тодор Скаловски. Визуелната инсталација е на Ема Велковска од Машинскиот и Ангела Стефановска од Архитектонскиот факултет.
М како манија. М како мисла. М како мајка, како миг, како мака. М како мак, како монотонија, како минливост. М како младост или М како машина. М како маска, како мелодија, како мир. М како модерна. М како музика.
Овој уметнички проект ги опфаќа концертите „Монолози“ и „Монохроматика“ кои претставуваат дихотомен пар на двата елементи на современета композиција во Македонија: фолклорот и модерната, традицијата и прогресивниот музички израз. Преку синкретичен спој на музиката со други уметности, аудио-визуелниот перформанс „Монохроматика“ го користи современото музичко творештво како основа за ново синестетско доживување. Проектот е инцијатива на група студенти во обид да се интензивира уметничкото доживување на публиката на концертите на класична и современа музика, преку вклучување на вонмузички елементи во нив. Инспирацијата за проектот музичарите ја наоѓаат во современиот пристап кон уметничкиот перформанс и синкретичните форми и елементи кои сè почесто се дел од класичните концертни изведби. Целта на проектот е актуелизирање на современиот македонски музички репертоар и творештво, а фокусот во програмата е на ретко изведувани или нови создадени дела и афирмација на авторите од помладата генерација.

Влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top