| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Ансамблот „Нуове музике“ на Денови на македонска музика

Во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“ вечерва во 20 часот во Музеј на Град Скопје, ќе се одржи концерт на Ансамблот НУОВЕ МУЗИКЕ – Италија. Роберто Бокјо – кларинет, Леонардо Боеро – виолина, Гаетано Насило – виолончело, Алесандро Марангони – пијано, солисти: Луиџи Скифано – контратенор и Благој Нацоски – тенор.

На програмата се камерни дела од композиторите Властимир Николовски, Гоце Коларовски, Дамјан Темков и Симона Симуноска, а за прв пат во Македонија ќе го чуеме и делото „Седум песни од светлина и прав“ од италијанскиот автор Анџело Инглезе на стихови од македонскиот поет Никола Маџиров.

Ансамблот НУОВЕ МУЗИКЕ е формиран во Савона, Италија на идеја на композиторот Марко Ломбарди. Во фокусот на репертоарот на составот е изведба на современа музика од 20-тиот и 21-виот век, иако во својот пристап тој е отворен и кон музички дела кои низ вековите го одбележаа патот на развојот на музиката, од Nuove Musiche на Џулио Качини, преку Neue Musik на Дармштад школата, до Corporazione delle Nuove Musiche на Алфредо Казела и Џан Франческо Малипјеро.

Својата музичка наобразба Роберто Бокјо ја формира со Деплу, Гарбарино, Фриедли и Мецена. Во 1992 година ја освојува Првата награда на Националниот конзерваториум во Ница под менторство на маестро М. Летиек. Соработува со најпрестижните италијански оркестри и настапува во Франција, Швајцарија, Германија, Јапонија. Од 1984 година е професор по кларинет, а од 2005 година предава на Конзерваториумот „Гуидо Кантели“ во Новара. Музицира на инструменти изработени од Buffet Crampon и Ance Rico.

Леонардо Боеро е виолинист, виолист и оркестарски диригент, кој се школува во Италија и во Париз на Конзерваториумот за музика со Иври Гитлис, и Виена со Јозеф Сиво на Универзитетот за музика и изведувачки уметности каде настапува со бројни камерни оркестри и со оркестарот „Ото Клемперер“. Боеро бил концерт-мајстор на оркестрите на РАИ во Торино, оркестарот „Тосканини“ од Парма, настапувал како солист и камерен музичар во Италија и надвор од нејзините граници. Повеќе години е посветен на современиот репертоар, премиерно изведувајќи бројни композиции, меѓу кои и повеќе дела посветени токму нему. Боеро со различни стави настапувал на фестивали и концерти во Италија, САД, Монако, Австрија, Узбекистан, Аргентина, Кина… Диригирал концерти со Симфонискиот оркестар „Карло Кочја“ од Новара, Филхармонијата на Торино, камерниот оркестар „Classical Rome“, Симфонискиот оркестар на Бакау. Боеро е уметнички раководител на Европскиот ансамбл за музика „Антидогма“ и уметнички директор на Здружението ICOMS од Торино. Предава на Институтот за музички студии на Новара.

Гаетано Насило е еден од светски најреномираните барокни челисти. Дипломира на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано во класата на Роко Филипини, кај кого студира и на Академијата Штауфер во Кремено. Настапува со поголемите оркестри и состави за современа музика во Милано, после што се посветува на изучување и интерпретација на барокни инструменти, соработувајќи низ годините со Кјара Банкини и Јеспер Кристенсен, и изучувајќи ја виолата да гамба. Се школува и на Schola Cantorum Basiliensis под менторство на Паоло Пандолфо. Гаетано Насило редовно музицира како солист со најпрестижните барокни ансамбли: ансамблот „415“, Concerto Vocale, Zefiro, Le Concert des Nations, ансамблот „Аурора“ со кои настапува во Европа, САД, Јужна Америка, Јапонија и Австралија. Насило има реализирано околу 90 тонски записи кои имаат понесено бројни награди: Diapason d’Or, Premio Vivaldi, Choc de la Musique, Amadeus CD of the Year и многу други. Реализирал снимки за Harmonia Mundi France, Symphonia, Teldec, Arcana, Ricordi, K617, Ambroisie, Zig-Zag Territories, Alpha, Christophorus, Nuova Era, Bongiovanni, Stradivarius, Tactus, како и за најголемите радио и телевизиски куќи во Европа и САД. Насило предава барокно виолончело на Accademia Internazionale della Musica во Милано и на Конзерваториумот „Гуидо Кантели“ во Новара, а редовно одржува мастеркласи во Италија, Шпанија, Бразил, Венецуела и Јапонија. Свири на виолончело „Giuseppe Ungarini“ од 1750 година.

Алесандро Марагони е пијанист кој одамна ја има зацврстено својата позиција на италијанската и интернационалната уметничка сцена. Неговата меѓународна кариера започнува во 2007 година во Миланската скала со рецитал посветен на Виктор де Сабата, рамо до рамо со Даниел Баренбоим. Настапувал во најголемите европски театри, а и во Аргентина, Чиле, Колумбија, Канада, со забележан критички и јавен успех. Со Камерниот оркестар „Амадеус“ од Моцартеум во Салцбург настапил на турнеја изведувајќи неколку од концертите на Моцарт. Забележани се и неговите соработки со Валентина Кортезе и Филипо Кривели. Мартинели беше првиот италијански музичар да настапи во виртуелниот 3D свет „Втор живот“ (Second Life), изведувајќи со огромен успех повеќе од стотина концерти. Реализирал повеќе снимки за престижната издавачка куќа Naxos.

Надарен со темен и топол тембр и интензивен волумен, Луиџи Скифано се смета за еден од водечките италијански контратенори. Се школува со Силвија Боса во Фиренца, а се усовршува со Рената Ското во оперското студио при Националната Академија „Санта Чечилија“ во Рим, со Сара Мингардо во Центарот за античка музика „Пјета деи Туркини“ од Неапол и со Сониа Прина. Добитник е на Специјална награда на натпреварот „Рикардо Ѕандонаи“ во Рива дел Гарда (2010), Прва награда на натпреварот „Санта Кјара“ во Неапол (2012), наградата „Олимпија“ на натпреварот „Отавио Ѕиино“ (2011). Меѓу позначајните негови улоги се оние во продукциите на „Јулиј Цезар“ од Хендл во Операта во Клагенфурт, „Аинадамар“ од Освалдо Голијов во Операта во Сао Паоло, во „Кармина Бурана“ во аудиториум „Парк на музиката“ во Рим, во ораториумот „Потопот на светот“ од Микеланџело Фалвети, а бележи и успешни рецитали во Токио, Џенова, Трст. Македонската публика го препознава по настапите на сцената на МОБ во улогата во операта „Орфеј и Евридика“ и во „Кармина Бурана“.

Благој Нацоски, нашиот најпознат тенор во светот, ценет за својот елегантен вокален стил, во изминатите две години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, како и во Новара, каде ја толкува главната улога во светската премиера на операта „Страв“. Кариерата на Нацоски започнува во 2003 година со настапот во Римската опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет – Нацоски започнува да ниже настапи во најпрестижните театри: „Сан Карло“, „Реџо“, Операта во Каљари, театарот „Верди“, Цирих Опернхаус, Баварска државна опера, оперите во Франкфурт и Штудгард, Кралската опера „Ла Моне“, Оперите во Торонто и Сиетл, Националната опера на Прага, Националната опера на Варшава, театарот „Бунка Каикан“ и „Сантори хол“ во Токио и многу други, каде толкувал бројни главни оперски ролји. Нацоски има снимено ЦД-а и ДВД-а за Deutsche Gramophon („Сонот на Скипион“), TDK („Аријадна на Наксос“), Dynamic („Лучија од Ламермур“), MR CLASSICS („Те Деум“ од Флавио Колусо) и за DECCA („Ромео и Јулија“ и „Турандот“). Од 2008 година е носител на признанието „Амбасадор на културата на Р. Македонија во Италија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top