Во рамките на 41-ви ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА, денеска, понеделник, (2 април) во концертната сала на ФМУ, 20 часот ќе се одржи Концерт на клавирското дуо од Ансамблот „Артворк“ – Германија: Хајди Елзесер – пијано и Ненад Лечиќ – пијано, к.г. Антоние Весковски – вибрафон.
Ансамблот „Артворк“ кој долги години е присутен на германската и европската музичка сцена, на претходните изданија на ДММ веќе настапувал во својот оригинален состав (двајца пијанисти и двајца перкусионисти). Во фокусот на ансамблот е изведбата на нови дела, но и поретко изведувани композиции од 20-тиот век, како и соработка со други инструменталисти. Една од главните мисии на ансамблот е создавање разновиден и сликовит концертен репертоар, атрактивен за публиката.
Хајди Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид. Редовно настапува на бројни фестивали низ цела Европа: Фестивал за современа музика – Детмолд, Пуленк фестивал – Детмолд, КантАрт – Северна Рајна Вестфалија, фестивал Фракции – Билефелд, Џорџ Крамб – Детмолд, Шопен Фестивал – Париз, Охридско Лето , ДММ – Македонија, како и во Кина и САД. Нејзиниот репертоар е исклучително еклектичен и многустран – од раниот барок, па сѐ до современите дела на 21. век, вклучувајки и бројни светски премиерни изведби на композитори со кои редовно соработува, како што се Б. Шуман, В. Глобокар, Ј. Андреевска, М. Апелбаум, А. Пејовски, М. Трандафиловски, Х. Ј. Винклер, М. К. Редел, К. Делиниколов, Г. Сантандер, П. Шахов, В. Николов и други. Македонските композитори се редовно претставени на нејзините настапи. Хајди Елзесер е основач на квартетот за две пијана и два перкусионисти „Artwork Ensemble“ кој е посветен на современата музика и со кого веќе има гостувано на фестивалот „Денови на Македонската Музика“. Настапува како член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „Ensemble Horizonte“, „Earquaqe Ensemble“ и други. Покрај нејзината активна концертна дејност како солист и камерен музичар, Елзесер настапува со оркестарот на Ландестеатер Детмолд, како и со сите македонски оркестри. Елзесер остварила бројни аудио и видео записи за македонското радио и телевизија, во живо настапува на француското радио Radio France, како солист и во дуо со нејзиниот последен професор, интернационално реномираниот пијанист Жан-Ефлам Бавузе на националното шпанско радио на кое во живо е пренесуван нејзин солистички концерт, како и на повеќе германски станици меѓу кои повеќе пати на познатиот канал за класична музика ВДР3. Таа има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011 година Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“. Хајди Елзесер е родена во Скопје, Македонија. Дипломира на ФМУ во класата на С. Слејанска, го продолжува студиите на Екол Нормал де Музик во Париз каде се здобива со повеќе дипломи, како и на Европскиот Конзерваториум исто така во Париз, Франција. Во овој период нејзин најзначаен професор е Теодор Параскивеско. Круна на нејзините студии се „Концертегзамен“ студиите (највисоки студии за солистички инструмент во германскиот музички образовен систем) на факултетот за музика во Детмолд, Германија кои ги завршува со голем успех во класата на проф. Бавузе. Во текот на школувањето таа учествува и на многу мастеркласи, каде остварува важни контакти со големи имиња како што се Пол Бадура – Скода, Вера Горностаева, Андреас Штаер и други. Елзесер работи неколку години како асистент на ФМУ Скопје, а по студиите во Германија (во којшто период работи како асистент на проф. Бавузе) останува таму и работи како предавач на Факултетот за музика во Детмолд, како и во музичкото училиште „Ленце“. Хајди Елзесер е член на жири комисии на германски натпревари, држи национални и интернационални мастеркласи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.
Ненад Лечиќ е роден во Чачак, Србија. Неговиот голем и невообичаен талент за музика доаѓа до израз уште многу рано. На многу млада возраст веќе е добитник на бројни национални и интернационални награди. Од 11-годишна возраст тој редовно држи рецитали и настапува како солист со оркестри. 1991 добива специјална награда на „Млад Европски топ талент“ од страна на познатата италијанска РАИ – ТВ. На 13 годишна возраст беше веќе запишан на факултетот за музичка уметност во Белград, во класата на Игор Ласло, за набрзо потоа да ги продолжи студиите во класата на Арбо Валдма на факултетот за музика и театар во Келн, Германија, каде што дипломира и завршува една низа од постдипломски студии со највисок успех, на многу рана возраст. Тој настапува како солист и камерен музичар во Келнската филхармонија, Штефанизаал во Грац, Музикгебау Амстердам, како и на многу видни фестивали (Klavierfestival Ruhr, Алдебург фестивал, Kings Place Festival во Лондон) ширум Европа, но и на далечниот исток – Кореја и Јапонија. Како солист со оркестар настапува со Бамбершките симфоничари, Европскиот камерен оркестар и Белградската филхармонија под диригентско водство на Џонатан Нот, Денис Расел Дејвис и Младен Јагуст. Како камерен музичар музицарл заедно со Пјер-Лоран Емар, Кристоф Рихтер, Ксенија Јанковиќ, Ралф Мано, Гвидо Шифен, Тамара Стефановиќ, Хајди Елзесер и Катарина Десерно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.