На 41-ви ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА, вечерва во Музеј на град Скопје, 20 часот ќе се одржи КОНЦЕРТ НА КАМЕРНО ТРИО – Албанија: Мерита Реџа Тершана – пијано, Јонела Големи – флејта
Арбен Љози – виола.
На програмата се дела од македонски и албански автори: Гоце Коларовски, Томе Манчев, Борис Светиев, Арбана Фејзо, Шпетим Кушта, Дориан Цене и Ендри Сина.
Мерита Реџа Тершана, пијано
Мерита Реџа дипломира на Универзитетот за уметности во Тирана, во класата на проф. Маргарита Кристиди. Постдипломски курсеви и студии посетува во Германија, при реномираните професори Пол Бадура-Скода и Тил Енгел. Од 1994 година работи на Универзитетот за уметности во Тирана, најпрвин како музички соработник, а од 2002 година како педагог. Како солист, настапувала со бројни оркестри: Оркестарот на Националната радио-телевизија на Албанија, Симфонискиот оркестар на Универзитетот за уметности, Оркестарот при Операта и балетот на Тирана, Филхармонијата на Тирана, Филхармонијата на Косово, под диригентските палки на признаени албански и странски диригенти како Б. Љапај, Н. Марин, Д. Савиќ. Таа е редовен гостин и на фестивалските подиуми, настапувајќи на Schleswig-Holsten Musik Festival во Германија, Bregenz Festival во Австрија, фестивалот „Grosseto“ во Италија, Remusika Festival во Косово, фестивалот „Охридско лето“, „Пианодром“ и Интернационалниот фестивал на камерна музика во Албанија и многу други. Нејзините изведби ги исполнуваат концертните сали од Германија, Австрија, Данска, Швајцарија, Италија, Грција до Јапонија. Мерита Реџа Тершана премиерно извела бројни дела за пијано на албански автори и албански премиери за пијано од познатиот композитор Јанис Ксенакис, изведено на Есенскиот музички фестивал во Албанија во 1998 година, каде меѓу публиката бил и славниот композитор. Добитник е на признанието „Најдобар изведувач“ на фестивалот „Нова албанска музика“ во 1996 година.
Јонела Големи, флејта
По дипломирањето на Универзитетот за уметности во Тирана, Албанија, Јонела Големи заминува во Париз каде студиите ги продолжува на Националниот конзерваториум за музика во класата на проф. П. И. Арто, а подоцна и на Академијата при „Ecole Normale A. Cortot“, каде со огромен успех ги завршува студиите по флејта. Својата едукација ја дооформува и на Регионалниот национален конзерваториум „Saint Maure des Fosses“, под водство на проф. П. Легурге, каде дипломира со Златен медал, кој потоа ѝ е доделен и за дипломската презентација од областа на музичката педагогија. Во нејзината биографија е забележана и специјализацијата со С. Лимонер и Ч. Брандон. Големи е првиот победник на конкурсот „Н. Зораки“. Од 2002 година е член на „Orchestre de flutes Francais“, каде музицира на сите инструменти од фамилијата флејта (пиколо, алт, бас, октобас флејта), настапувајќи рамо до рамо со реномирани изведувачи како П. И. Арто, А. Биже, П. Бокиљон, П. Монти и други. Таа е и водач на флејти во симфонискиот оркестар на Радио-телевизија Тирина, и професор по флејта на Универзитетот за уметности. Со оркестарот на Радио-телевизијата честопати настапува и како солист, изведувајќи дела од класичниот репертоар за флејта, но и премиери на дела од современи албански композитори.
Арбен Љози, виолина
Дипломира во 1989 година на Академијата за уметности во Тирана (денешен Универзитет за уметности), во класата на проф. Ѓ. Пекмези. Посетувал семинари и мастеркласи во Бајрот, Германија и во Франција под раководство на проф. Б. Паские. Од 1989 година предава виола и камерна музика на Универзитот за уметности во Тирана. Одржал семинари по виола и камерна музика во Фрацнија, Шпанија, Италија, Македонија и Албанија. Со репертоар кој се протега од барокот до современата музика на 21-от век, Љози настапил на стотина концерти во Европа и САД, како солист и/или член на ансамблите „Grupo Instrumental Siglo XX“, “Asmus Ensemble”, “Alban quartet”, “Balcanic Ensemble”, како диригент на ансамблот Camerata of Tirana, Camerata dei Laghi, Албанскиот национален гудачки оркестар, Филхармонија на Тирана, Гудачкиот ансамбл при Универзитетот за уметности во Тирана, Ансамблот „Classica“, гудачкиот ансамбл „Artistic Liceum“. Арбен Љози извел повеќе од 65 премиери на солистички и камерни дела (голем дел од нив посветени токму нему), од албански и странски композитори, како Стивен Кроу, Хаиг Закариан, Ж. Ф. Дуран, Тона Гаџи, Переиро, Александер Печи, Феим Ибраими, С. Тсојопулос, Томас Симаку, Шпетим Кушта, Т. З. Хуа, Јонгву Ју, Дениз Бајсал, Мирсад Далипи, Тиш Даија и многу други.
Влезот на концертот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Денови на македонска музика: Концерт на ансамблот за современа музика МЕИТАР – Израел
-
Денови на македонска музика: Концерт на клавирското дуо од Ансамблот „Артворк“ – Германија
-
Денови на македонска музика: „Монохроматика“- концерт на млади во Даут-пашин амам
-
Концерт на Ансамблот „Нуове музике“ на Денови на македонска музика