| четврток, 6 декември 2018 |

Орбан: Европа е подложена на миграциска инвазија која наскоро ќе не направи малцинство

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претстави апокалиптична визија за Западна Европа, изјавувајќи дека континентот е подложен на миграциска инвазија која наскоро Европејците ќе ги претвори во малцинство.

Тој зборуваше на масовен собир во центарот на Будимпешта три недели пред парламентарните избори во Унгарија, на кои ќе се бори за трет последователен премиерски мандат. Според него, Европа се предала „со кренати раце“ на масовната миграција на луѓе од Африка и од Блискиот Исток.

– Младите луѓе во Западна Европа ќе доживеат да видат како стануваат малцинство во сопствената земја и како го губат единственото место во светот, што тие го нарекуваат свој дом, истакна тој.

Унгарскиот премиерот упати уште еден вербален напад против унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос, обвинувајќи го дека настојува да ги наметне своите идеи за „отворено општество“ на Европа и ги поддржува критичарите на унгарската Влада. Орбан го стави Сорос меѓу најголемите историски противници на Унгарија – Отоманската Империја, австроунгарската Хабсбуршката династија и Советскиот Сојуз.

– Ние те молиме да се вратиш во Америка и да ги правиш среќни Американците, а не нас, му порача Орбан на Сорос.

Синоќешниот „марш на мирот“ во Будимпешта на приврзаниците на Орбан, на кој учествуваа повеќе илјади луѓе, заврши со негов говор на плоштадот пред Парламентот и беше посветен и на националниот празник на Унгарија, која одбележа 170 години од Револуцијата против Хабсбурговците во 1848 година.

Собирот формално беше организиран од страна на граѓанска група која го поддржува Орбан, но во целот беше поддржан од владејачката партија ФИДЕС. На маршот му се приклучија и илјадници претставници на полската владејачка конзервативна партија Право и правда, кои специјално за тој повод пристигнале во Будимпешта. Полската владејачка конзервативна партија Право и правда е сојузник на унгарската Влада во противењето против Брисел за прашањата на миграцијата и зајакнувањето на контролата врз судството и медиумите. Тие носеа транспаренти на кои пишувало „Ние сме со тебе, Виктор !“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top