Словенечкиот премиер Миро Церар во Брисел изјави дека има информации оти по поставувањето на оградата на словенечко-хрватската граница, Хрватска би можела да почне да ги насочува имигрантите преку Истра кон Италија.
– Пред некое време добив посебна најава дека хрватската страна според своите потреби, ќе испраќа имигранти во поголеми групи преку Истра во Италија, изјави Церар, кој во Брисел учествува на Самитот на ЕУ.
Тој не појасни од каде ги добил овие информации, но додаде дека тие треба сериозно да се сфатат. Церар потенцираше дека оградата е потребна во тој сектор, потсетивајќи дека Италија одлучи на границата со Словенија и Австрија да распореди војници кои ќе внимаваат на терористичките ризици и можноста од илегалната трговија со луѓе.
Во врска со апелот на претставници на словенечките и хрватските погранични општини за отстранување на оградата, за која сметаат дека е непотребна, Церар рече дека ја разбира загриженоста на локалните власти и жителите на Истра и на другите места на границата.
– Во Истра поставивме само неколку километри ограда и тоа крај граничните премини, истакна Церар, додавајќи дека жицата би можела да биде отстранета, ако по неколку месеци се покаже дека не постои ризик од доаѓањето на имигранти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.