| четврток, 6 декември 2018 |

ПССЕ усвои резолуција и препорaка за Република Македонија

Парламентарното собрание на Советот на Европа со огромно мнозинство ја усвои резолуцијата и препораката предложена од известувачот, британскиот парламентарец Роберт Валтер за постмониторинг дијалогот на Република Македонија, јави телевизијата „Алфа“.

Во усвоениот текст, ПССЕ одлучи да го продолжи постмониторинг дијалогот со Република Македонија за прашањата подвлечени во извештајот, при што во препораката му се препорачува на Комитетот на министрите на Советот на Европа да отвори биро на СЕ во Македонија за да ги координира активностите на Советот на Европа кои имаат за цел да ѝ помогнат на Македонија да ги задоволи обврските кон најстарата паневропска организација.

Дискусијата траеше повеќе од еден час, во која парламентарците од 47 земји-членки на Советот на Европа изразија поддршка на Македонија  во нејзините евроатлантски интеграции, изразувајќи жалење што земјата е блокирана од страна на Грција поради проблемот со името, при што беше побарана поголема флексибилност од страна на нашиот јужен сосед.

Повеќе парламентарци се осврнаа на инцидентот од 24 декември и сѐ што се случуваше потоа, поздравувајќи го договорот од 1 март за кој се надеваат дека ќе даде одговор за причините за случувањата кои ја потресоа кревката македонска демократија.

Според усвоениот текст, Македонија  постигнала напредок во изминатите пет години, но таа треба и понатаму да работи на целосното спроведување на реформите, Охридскиот рамковен договор, правосудството, борбата против корупцијата, зајакнување на слободата на медиумите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top