Советот на јавни обвинители под раководство на Коле Штерјев, продолжи да ја исполнува партиската агенда за вдомување на кадри на ДУИ и СДСМ во сите степени на обвинителството, почнувајќи од највисоките позиции во Републичкото обвинителство, објави порталот Сведок.
Денеска, за Јавен обвинител во јавното обвинителство на Македонија е избран поранешниот министер на ДУИ и екс Уставен судија Исмаил Дарлишта.
Дарлишта, е вториот од четворицата Албанци во ЈОРМ, кој бил претходно министер. ДУИ, како и Дарлишта, претходно го вдоми на оваа позиција и екс министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами.
Советот на јавни обвинители ја избра Мери Тромбева за Виш обвинител во Битола, Билјана Стевчева за шефи во Основното јавно обвинителство Радовиш, а ги пополни и позициите во Тетово, Куманово и Гостивар.
Но, она што е интересно е податокот дека останатите огласи за кои постоеше голем интерес ќе се поништат и ќе се распишат нови огласи, а тоа се места во републичкото и Вишото обвинителство во Скопје, првата позиција на организиран криминал и на ОЈО Скопје.
На местото на Гордана Гешкоска, која без мандат со скопското шефува цела година, денеска за вд е поставен обвинителот Сашо Рајчев. Но, Советот засега нема решение што ќе прави со Гешкоска, која претходно беше избрана за обвинител во Републичкото обвинителство. Бидејќи не можеле да ја вратат таму, Гешкоска изгледа дека ќе мора да се задоволи со позиција заменик во скопското, за каде што ќе мора да конкурира.
Обвинителството за гонење организиран криминал до избор на шеф, како вд ќе го води обвинителката Гордана Смаќоска, која во моентов е вклучена како втор обвинител во предметот за настаните од Собранието на 27 април, покрај Вилма Рускоска.
За чудо, мнозинството во Советот на јавни обвинители ги одбило предлозите во Вишото обвинителство во Скопје да се изберат стручни соработници од суд и адвокати, блиски на владејачката партија.
Извори од Советот, за Сведок потврдуваат дека најголем отпор имало и кај кандидатот за јавен обвинител Љупчо Јовески, кој отворено застанал против влез на кадри кои не биле никогаш обвинители, наспроти голем број пријавени од основните обвинителства за во Вишото.
Коле Штерјев пред новинарите објасни дека не избрале обвинители во скопското и во организиран криминал, бидејчи сакале да му дадат шанса на новиот обвинител кој би требало да биде избран, да предложи луѓе за првите позиции, бидејќи ќе работи со нив, а од тоа би зависел и успехот на обвинителството. Според Штерјев, ваквата ситуација би траела месец-два.
Советот, на позиција во Републичкото обвинителство го вратил и Воислав Гавровски, обвинител кој беше пензиониран од страна на поранешните членови во советот во времето на Марко Зврлевски, со тоа што не му го продолжија мандатот до законскиот максимум од 67 години.
Гавровски, како и десетина други обвинители тужеа и ги добија предметите во Граѓанскиот суд и пред Апелација (дел беа одбиени), а Гавровски добил пресуда и од Управниот суд за поништување на донесените решенија за разрешување.
По овој принцип, Советот се очекува да врати на работа уште неколку обвинители. На денешната седница, на обвинителите кои прв пат бараат продолжување на мандатот, со навршени 64 години, меѓу нив и вд јавната обвинителка, обвинители од Тетово и Скопје, им бил продолжен мандатот.
На седницата на Советот, за вд обвинител во Гостивар е поставен Башким Исеини, а досегашниот Виш обвинител од скопје Ханиф Амети, на негово барање откако направи низа скандали за кои Сведок претходно пишуваше е вратен за обвинител во Основното обвинителство во Тетово. Во Куманово за в.д. обвинител е поставена Теута Бедиу, како дел од меѓупартискиот договор СДСМ – ДУИ, претседтел на судот да биде Македонец, а обвинителот Албанец.
Денеска не беа реизбрани обвинителите во организиран криминал, па според информации од Советот, на дел им виси позицијата и тие ќе бидат вратени во Основните обвинителства, а на нивните места ќе се изберат нови.
извор: svedok.org.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.