| четврток, 6 декември 2018 |

2.800 судии и обвинители во Турција денеска останаа без работа

Турските власти денеска од работа отпуштија повеќе од 2.800 судии и обвинители, што е најнова епизода во чистките почнати по неуспешниот обид за преврат од 15 јули, објави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.

Во Турција по обидот за државен удар, за кој официјална Анкара го обвини исламскиот верски лидер Фетула Ѓулен, од работа се отпуштени или суспендирани околу 80.000 лица од државната служба, судството и полицијата, пренесоа британските медиуми.

Турската Влада тврди дека следбениците на Ѓулен со години наназад работеле на тоа да се инфилтрираат во државните институции со цел да ја соборат власта.

Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен прогон во американската сојузна држава Пенсилванија, ги негира обвинувањата на официјална Анкара и го осуди обидот за пуч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top