Откако Советот на јавни обвинители го прифати барањето на Заев и неговите соработници за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, се поставува прашањето како е можно Советот да изгласа и да даде мислење за смена на Зврлевски, ако до сега се тврдеше за огромно влијание на ВМРО- ДПМНЕ во обвинителството и во судството, односно дека во Македонија 11 години има „заробено судство“? Дали ваквиот став на обвинителите сега не покажува друго влијание и заробена позиција?
Не е потребно потсетување дека Заев во само една недела на три пати повтори дека бара смена на Зврлевски, односно директно му порача сам да си замине од функцијата. Тоа е доволно силен јавен притисок, што сигурно бил следен и со притисок вршен далеку од очите на јавноста. Една од основите за вакви сомневања е и многу скорешната оценка на Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски дека нема забелешки за работењето на Зврлевски, уште повеќе, дека „Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски е перфектен во извршувањето на неговата функција”.
Заев иницираше постапка за разрешување на 6 јуни со предлогот за разрешување на републичкиот Јавен обвинител поради, како што смета Заев „незаконско и ненавремено извршување на функцијата“ и предлогот, согласно законските одредби, го достави до Советот на јавни обвинители. Всушност, прва задача која си ја постави Заев беше чистка во судството и обвинителството, со барање за отстранување на Зврлевски, иако само неколку часа претходно од собраниската говорница нагласуваше делка „ниту еден политичар од новата власт не ќе смее да се дрзне да влијае врз јавен обвинител“.
– Сакам да знаат сите, овде пред јавноста, ако некој се дрзне да влијае врз обвинител, или врз судија, подобро сам да си даде оставка, оти ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување. Само така ќе ја вратиме правната држава, само со личен пример и со политичка волја и мотивација. Далеку рацете на политичарите од правото и правната држава- рече Заев.
Притисоците врз судството и особено врз Обвинителството и Зврлевски се поврзуваат со постапките кои се водат токму против Заев, првенствено за случајот „Поткуп“ за што има и видео- снимка прибавена со одлука на обвинител и суд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.