Театарот за деца и младинци (ТДМ) ја подготвува премиерата на претставата „Снежната кралица“ во режија на Драгана Милошевски – Попова.
Претставата „Снежната кралица“ е работена по мотиви на Ханс К. Андерсен, автор на текстот е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Кирил Василев, костимограф е Андреј Папаз Ѓоргиевски, Симона Спировска е авторка на кореографијата и сценски движења, а композитор е Огнен Анастасовски.
Во претставата играат: Ана Левајковиќ- Бошков (Снежната кралица), Сара Климоска (Герда), Бојан Кирковски (Кај), Мики Анчевски (Нарцис , Гавранот Краген), Симона Спировска (Петунија, Гавраницата, Разбојничката Леварака Десенџеб), Емра Куртишова (Лала ,Принцезата Вера Бајадера) и Мартин Јорданоски (Принцот Јован Фон Копан).
Снежната кралица, на Ханс К.Андерсен е класична бајка за прв пат објавена во 1844 и оттогаш не престанува да биде инспирација на различни автори кои што различно ја интерпретираат понесени од личниот порив, вдахнувајќи го во неа својот печат, согласно потребите на времето, настаните итн.. Неконвенционалната раскажувачка постапка на Ханс. К. Андерсен, која што е повеќе лирска одошто дидактичка ги претвора неговите сказни во поема на животот без граници. Оттаму и инспирацијата на авторката Билјана Крајчевска, за создавање еден современ препрочит, кој користејќи ги мотивите на сказната како предлошката, раскажува приказна за пријателството кое што не може да се растури, пријателство на кое што му стрепат сите опасности на современото општество почнувајќи од конзумеризмот што ги изместил сите вредности, кои допрва треба да се преоткријат.
Режисерката Драгана Милошевски –Попова ја концепира фабулата низ чудесното патување на девојчето Герда. Таа е спремна да направи сѐ за да го пронајде својот пријател којшто е заробен во смрзнатото срце на Снежната кралица, покажувајќи ни ја моќта на вистинското пријателство. Ова е претстава за љубовта и растењето испишани од перото на едно дете. Во претставата се натпреваруваат две доминантни сили. Снежната кралица со своите невидливи сили, лукавоста и злото на која ја тера осаменоста, е претставник на ладниот разум и не може да сфати дека постојат наспроти неа такви кои што се спремни да се откажат од сопствениот интерес и да се жртвуваат заради љубовта и пријателството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.