| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар со 1-0 го победи Пелистер во големото дерби

Вардар со минимална победа од 1-0 го победи Пелистер во големото дерби, а навивачката група „Комити“ прослави 30 години од своето постоење и одбележа 70 години од формирањето на клубот.

Вардар запиша три нови бода во македонското првенство откако на арената „Филип Втори“ го совлада Пелистер со 1-0. Натпреварот помина во знакот на „Комитите“ кои славеа 30 години од своето постоење и 70 години од формирањето на Вардар.

Првата голема шанса се случи во осмата минута кога по додавање од Блажевски, Николов се најде во идеална позиција но биеше над голот. Во 27. минута Николов имаше уште една шанса, но неговиот удар го одбрани голманот Јовановски.

До крајот на одморот се обидоа и Фелипе и Блажевски, но Марко Јовановски беше поуспешен и од нив и ја сочува мрежата во првите 45 минути.

На почетокот од второто полувреме, во 47. минута Комитите ја направија првата голема баклијада, таа беше по повод 70 години од формирањето на Вардар. Поради чадот кој го обви целиот стадион, натпреварот неколку минути беше во прекин.

Со продолжувањето на мечот, продолжија и нападите на Вардар. Конечно во 65. минута мрежата на Пелистер беше затресена. Фелипе нафрли до Велковски кој со глава го проигра Муслиу а тој погоди за водство на Вардар од 1-0. Во 78. минута Блажевски имаше голема шанса да зголеми на 2-0, но неговиот удар заврши во пречката од голот на Пелистер.

Четири минути подоцна, Пелистер постигна гол, но погодокот беше поништен поради офсајд.

Во 87. минута почна новата баклијада на „Комити“, овој пат по повод 30 години од нивното постоење.

 

фото:ФК Вардар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top