| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ќе добие 160 км нови патишта

patistaСо владината програма за изградба и реконструкција на патишта е планирано до крајот на годинава да се обноват 11 регионални патишта со вкупна должина од 160 километри. За оваа намена ќе бидат вложени 30 милиони евра.Ќе се инвестира и во изградба на локални патишта со должина од 162 километри во 70 општини низ земјава. За тоа се наменети 17 милиони евра.

По почетокот на најголемиот инфраструктурен проект, последната делница од Коридорот 10, автопатот од Демир Капија до Смоквица, се интензивира изградбата на неколку клучни регионални и локални патни правци во државата.

Дневниот весник Вечер анализира кои и колку делници ќе бидат изградени и пуштени во употреба до крајот на годинава, колку нови километри нова патна инфраструктура ќе добие државата и што тоа ќе значи за локалниот економски развој.

Кои патишта се градат?
Според она на што во моментов се работи, како и склучените договори, до крајот на година во делот на регионалната патна мрежа ќе биде завршена изградбата на делниците од Дебар до Струга, од Кавадарци до Мушов гроб, од Радовиш до Конче, Арачиново до Липково, од Бошков мост до Гарски мост, како и од Тетово до Јажинце, а се очекува да започне и изградбата на патот до Сончев град на падините на Водно.

– Потпишан е договорот со изведувачот и за една недела треба да започне изградбата на регионалниот пат од Дебар до Струга. Се работи за делница долга 60 километри во вкупна вредност од 240 милиони денари. Во исто време треба да започне изградбата на регионалниот пат од Кавадарци до Мушов гроб, една од приоритетните делници која го поврзува Кавадарци со Тиквешкиот дел на Мариово, како и со патот до најпознатиот рудник Алшар. Делницата е во должина од 16,3 километри – објаснува за Вечер директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Од делниците што треба да бидат завршени годинава, според склучените договори, директорот најавува дека во полн ек е изградбата и реконструкцијата на регионалниот пат Радовиш-Конче-Лубница, делница во должина од 22 километри, која е од клучно значење за регионот.

– Интензивно се гради регионалниот пат Ангелци-Вељуса-Водоча-Баница, делница во должина од 7,5 километри и неговата рехабилитација треба да биде завршена за три месеци. До крајот на годината треба да биде завршен и патот од Тетово до Јажинце во должина од околу 10 километри, делница која има најмногу црни точки – потенцира Георгиевски.

Според него, до годинава треба да бидат завршени патните правци од Арачиново до Липково во должина од 22 километри, како и регионалниот пат Бошков мост -Гарски мост кој е долг 9 километри и чијашто изградба чини 88 милиони денари. Се очекува да започне изградбата на делницата од Тетово до клучката кај Брвеница, а избран е и изведувач за регионалниот пат до Сончев Град.
– Завршен е проектот за патот до Сончев град во наредниот период ќе биде распишан тендер за избор на изведувач, по што очекуваме дека до крајот на годината да започне да се гради. Ова е еден од посложените инфраструктурни проекти во делот на регионалните патишта, бидејќи треба да се пробие нова траса – објаснува Георгиевски за весникот.

Во делот на изградба на автопати, освен Делницата Демир Капија-Смоквица, според програмата се прават проекти за изградба на автопат од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид за кои допрва треба да се обезбедат финансиски средства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top