Многу американски и канадски дипломати во Хавана се жалат на губење на слухот, мигрена и на гадење, а истражителите ја истражуваат и опцијата дека „нападите“ може да ги врши некоја одметната фракција на кубанските безбедносни сили, можеби во соработка со некоја друга земја, како Русија и Северна Кореја, вели Вашингтон пост.
Администрацијата на Трамп ја разгледува можноста за затворање на Амбасадата на САД во главниот град на Куба, Хавана, по серијата необјаснети инциденти во кои е загрозено здравјето на американските дипломати на Куба, рече денеска американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, пренесува Гардијан.
Тилерсон рече дека тоа се разгледува и дека затворањето на амбасадата се преиспитува. „Ова е мошне сериозно прашање поради телесните оштетувања што ги претрпеа одделни поединци. Ние ги донесовме тие луѓе дома. Го разгледуваме проблемот“, рече Тилерсон.
Медицински е потврдено дека 21 американски државјанин претрпеле оштетувања во Хавана. Тилерсон претходно нападите ги нарече „напади врз здравјето“, но Стејт департментот сега ги нарекува само „случаи“. Причината и виновникот не се утврдени.
Тилерсон денес зборуваше на Си-би-ес пред доаѓањето на претседателот Доналд Трамп на почетокот на годишната сесија на Генералното собрание на ОН оваа недела.
Канадската телевизија Си-би-си, пак, во петокот објави дека мистериозни „звучни напади“ на Куба во последните неколку месеци претрпеле и најмалку пет канадски дипломати и нивните семејства.
Кон почетокот на август властите во САД и во Канада признаа дека многумина од нивните дипломати во Хавана се жалат на губење на слухот, мигрена и на гадење. Симптомите се појавиле кон крајот на минатата година и во меѓувреме исчезнале, изјавија официјални лица.
Канадското министерство за надворешни работи минатата недела објави дека „има сознанија за невообичаени симптоми што го погодуваат канадскиот и американскиот дипломатски персонал и нивните семејства во Хавана“.
Дипломатите чувствувале чудни појави во своите домови, на крајот на 2016 година, вклучувајќи и вибрации на телата или висок, остар звук, изјави еден извор.
Според канадските дипломати, за ова не се осомничени високи кубански функционери, а кубанските власти дури и соработувале во канадската истрага во Хавана.
Во август американскиот Стејт департмент објави дека тие појави предизвикале разни физички симптоми и кај американскиот дипломатски персонал, и дека тоа се истражува. Истражителите ја истражувале и тезата дека тоа може да го прави некоја одметната фракција на кубанските безбедносни сили, можеби во соработка со некоја друга земја, како Русија и Северна Кореја, вели Вашингтон пост.
„Не знаеме кој или што го предизвикува ова“, рече во четвртокот портпаролката на Стејт департментот Хедер Науерт и потврди дека е во тек истрага.
Претседателот на Куба, Раул Кастро, го повика амбасадорот на САД во Куба за да му пренесе дека кубанските власти не стојат зад ова, дека е загрижен и тој, Кастро, и дека нуди соработка во истрагата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.