Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата со раскази „Одеднаш, тропање на вратата“ на познатиот израелски писател Етгар Керет, кој е преведен на повеќе од 40 јазици во близу 50 земји, а ова е прво негово дело на македонски јазик.
Етгар Керет (Рамат Ган, 1967) е познат по своите раскази, стрипови и сценарија за филм и за телевизија и е најпопуларниот од помладата генерација израелски писатели. За своите дела добил повеќе меѓународни награди и признанија.
Негови најпознати дела се збирките раскази „Цевководи“ (1992), „Недостига Кисинџер“ (1994), „Возачот на автобус кој сакаше да биде Бог“ (2004), „Девојчето на фрижидерот“ (2008) и „Одеднаш, тропање на вратата“ (2010). Според негов расказ е снимен филмот „Зглобосечачи: љубовна приказна“ (Wristcutters: A Love Story, 2006) во режија на Горан Дукиќ, а самиот Керет е сценарист на филмот „$9,99“, како и на повеќе краткометражни филмови. Филмот „Медуза“, во режија на Керет и на неговата сопруга Шира Гефен, ја доби наградата „Златна камера“ на Канскиот филмски фестивал во 2007 година.
Неговите раскази се објавувани и во Монд, Пари ревју, Њујорк тајмс, Гардијан и во многу други реномирани печатени медиуми. Керет живее во Тел Авив и предава на Универзитетот „Бен-Гурион“. Неговите родители се полски Евреи, преживеани од холокаустот. Неговата куќа во Варшава се смета за најтесната куќа во светот и претставува архитектонска атракција.
„Одеднаш, тропање на вратата“ (2010) е меѓу најпознатите дела на Керет кое ги потврдува неговата бескрајна ингениозност и луцидност. Книгата почнува со расказ во кој човек упаѓа во домот на писателот и бара да му раскаже приказна, бидејќи вистинскиот свет го истоштува и му е потребно нешто поинакво. Познатата монотонија и возбудливото „нешто поинакво“ се појавуваат во многу раскази: фантазијата ја презема контролата и се создава еден апсурден, надреален свет. Во друг расказ, патолошки лажго открива дека сите негови лаги се вистина, а во трет се раскажува за млада жена која наоѓа минијатурен патент во устата на партнерот. Кога го откопчува, партнерот буквално ѝ се отвора и внатре таа го наоѓа Јирген, кој по сè изгледа, не е Евреин. Расказите се смешни, но и мрачни и заканувачки. Сепак, Керет на читателот му нуди и прекрасни моменти на добрина и се стреми да ја најде човечката искра во еден мрачен свет.
Оваа збирка раскази е преведена на повеќе од 20 јазици, меѓу кои на англиски, германски, француски, италијански, холандски, кинески, јапонски, шпански, турски, бугарски и хрватски јазик.
За овој израелски автор Салман Ружи вели дека „Керет е брилијантен автор, сосема поинаков од сите други што ги знам. Тој е гласот на идната генерација“. А за оваа негова книга со раскази, но и за неговото творештво, меѓу другото, е напишано:
„Најдоброто, најзрелото дело на Керет до моментов – прекрасна изведба на неговата меланхолична, чудесна и вознемирувачка проза.“ – Индепендент
„Етгар Керет е гениј… Моќен и вознемирувачки глас.“ – Њујорк тајмс
„Раскажувач великан… Да се жалиш дека Керет е Керет е како да се жалиш дека Чехов е Чехов.“ – Гардијан
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски