| четврток, 6 декември 2018 |

Најпознатото дело на Етгар Керет, „Одеднаш, тропање на вратата“ обајвено на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата со раскази „Одеднаш, тропање на вратата“ на познатиот израелски писател Етгар Керет, кој е преведен на повеќе од 40 јазици во близу 50 земји, а ова е прво негово дело на македонски јазик.

Етгар Керет (Рамат Ган, 1967) е познат по своите раскази, стрипови и сценарија за филм и за телевизија и е најпопуларниот од помладата генерација израелски писатели. За своите дела добил повеќе меѓународни награди и признанија.

Негови најпознати дела се збирките раскази „Цевководи“ (1992), „Недостига Кисинџер“ (1994), „Возачот на автобус кој сакаше да биде Бог“ (2004), „Девојчето на фрижидерот“ (2008) и „Одеднаш, тропање на вратата“ (2010). Според негов расказ е снимен филмот „Зглобосечачи: љубовна приказна“ (Wristcutters: A Love Story, 2006) во режија на Горан Дукиќ, а самиот Керет е сценарист на филмот „$9,99“, како и на повеќе краткометражни филмови. Филмот „Медуза“, во режија на Керет и на неговата сопруга Шира Гефен, ја доби наградата „Златна камера“ на Канскиот филмски фестивал во 2007 година.

Неговите раскази се објавувани и во Монд, Пари ревју, Њујорк тајмс, Гардијан и во многу други реномирани печатени медиуми. Керет живее во Тел Авив и предава на Универзитетот „Бен-Гурион“. Неговите родители се полски Евреи, преживеани од холокаустот. Неговата куќа во Варшава се смета за најтесната куќа во светот и претставува архитектонска атракција.

„Одеднаш, тропање на вратата“ (2010) е меѓу најпознатите дела на Керет кое ги потврдува неговата бескрајна инге­ниоз­ност и луцидност. Книгата почнува со расказ во кој човек упаѓа во домот на писателот и бара да му раскаже приказна, бидејќи вистинскиот свет го истоштува и му е потребно нешто поинакво. Познатата монотонија и возбудливото „нешто поинакво“ се појавуваат во многу раскази: фантазијата ја презема контролата и се создава еден апсурден, надреален свет. Во друг расказ, патолошки лажго открива дека сите негови лаги се вистина, а во трет се раскажува за млада жена која наоѓа минијатурен патент во устата на партнерот. Кога го откопчува, партнерот буквално ѝ се отвора и внатре таа го наоѓа Јирген, кој по сè изгледа, не е Евреин. Расказите се смешни, но и мрачни и заканувачки. Сепак, Керет на читателот му нуди и прекрасни моменти на добрина и се стреми да ја најде човечката искра во еден мрачен свет.

Оваа збирка раскази е преведена на повеќе од 20 јазици, меѓу кои на англиски, германски, француски, италијански, холандски, кинески, јапонски, шпански, турски, бугарски и хрватски јазик.

За овој израелски автор Салман Ружи вели дека „Керет е брилијантен автор, сосема поинаков од сите други што ги знам. Тој е гласот на идната генерација“. А за оваа негова книга со раскази, но и за неговото творештво, меѓу другото, е напишано:

„Најдоброто, најзрелото дело на Керет до моментов – прекрасна изведба на неговата меланхолична, чудесна и вознемирувачка проза.“ – Индепендент

„Етгар Керет е гениј… Моќен и вознемирувачки глас.“ – Њу­јорк тајмс

„Раскажувач великан… Да се жалиш дека Керет е Керет е како да се жалиш дека Чехов е Чехов.“ – Гардијан

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top