Македонскиот првак Вардар извојува голема победа над Копенхаген во синоќешниот дуел на „Филип втори“ арената со 1-0 во првиот квалификациски меч од третото коло на Лигата на шампионите, а стратегот на тимот, Гоце Седлоски им честита на сите за одличната партија.
– Честитки до играчите, честитки до публиката која беше 12. играч. Победата е сосема заслужена, сè што барав на теренот – се изработи. Имавме четири сериозни шанси, но и на крајот противникот можеше да не казни. Не треба да се залетуваме, резултатот е тој, одиме со кренати глави за Данска. Знаеме што нè чека. Има уште 90 минути. Но, јас верувам во момците. Сигурен сум дека ќе одиграат еден борбен и достоинствен натпревар против Копенхаген, тим кој секоја година игра во Европа – изјави Седлоски.
За Вардар ова е втора голема победа во низа, по триумфот над Малме во претходното коло. Вториот меч од квалификациите за Лигата на шампионите меѓу данскиот и македонскиот првак се игра на 2 август.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.