| четврток, 6 декември 2018 |

„Дип парпл“ – татковците на високоволтажниот хардрок

На преминот меѓу 60-тите и 70-тите години од минатиот век во светската популарна музика се создаде звук, кој подоцна вистинските познавачи на музиката ќе го наречат единствен вистински рокенрол. За тој звук со тек на времето ќе се создадат поимите хардрок, хевирок и хевиметал. Без разлика кој назив ќе се користи, се работи за изведувачи со три основни карактеристики: изглед (машко-шовинистички ориентирани мачо-момци, задолжително со долги коси, тексас или кожени панталони и јакни); звук (пред сѐ силен, моќен и гласен, базиран на новитетот што го измислија Ерик Клептон и Џими Хендрикс, комбинација од „лес пол“ (Клептон), „стратокастер“ (Хендрикс) гитара со засилувач „маршал“. Инаку, светски познатиот засилувач „маршал“ бил измислен откако тапанарот и сопственик на продавница Џим Маршал слушнал поплаки од Ричи Блекмор и од Пит Таузенд дека не постоеле гитарски засилувачи со доволно гласен звук и моќност); песни (едноставна структура, која многу ретко се оддалечува од основните блуз-шаблони, при што основа на секоја вистинска хардрок-композиција е гитарскиот риф). Така на крајот од 60-тите години на 20 век се појави комбинација од блуз-рок и од психоделија од која ќе се роди хевирокот на почетокот на 70-тите години. Најзаслужни се големите музички фестивали и поголемите концертни сали, кои барале уште поголеми системи на звучници и на засилувачи, секако и рок-групите што уживале во новата звучна моќ. Не треба да се заборави и публиката, која врескала и барала погласни и подолги песни. Од сите нив се роди музичкото чудовиште хевирок. Прва музичка група, која наведените карактеристики – изглед, звук, песни – ги довела до совршенство, модерниот хардрок е „Дип парпл“. Нивните најуспешни музички албуми биле во стилот на хевирокот ослободен од секакви правила: тврди, гласни, самодоволни и забавни.

„Дип парпл“ се англиски рок-бенд формиран во 1968 година во Хертфорт на север од Лондон. Речиси сите ги сметаат за втемелувачи на модерната хардрок-музика, а не е мал бројот и на тие што за нив мислат дека се меѓу пионерите на хевиметалот. Првата постава на бендот е Џон Лорд, клавијатури, Ричи Блекмор, гитара, Род Eвaнс, пејач, Јан Пеис, тапани, и Ник Семпер, бас-гитара. За почетоците на оваа постава, многу подоцна, Џон Лорд ќе каже дека тоа биле тешки времиња бидејќи биле без пари, но тој бил сигурен дека многу бргу ќе постигнат светски успех. Нивни прв албум е „Shades Of Deep Purple“. Овој албум е карактеристичен за првата фаза на групата, во која централно место заземаат солидните обработки на песните „Hey, Joe“ на Џими Хендрикс и „Help!“ на „Битлс“. Истовремено го издаваат и синглот „Hush“ со кој постигнуваат голем успех во САД каде што оваа музичка нумера се искачи на петто место на американската топ-листа. Групата заминува на турнеја во САД и го издава синглот „River Deep, Mountain High“. И овој сингл бележи успех на американската топ-листа, но групата останува незадоволна: дома во Велика Британија тие сѐ уште не се препознати од публиката. Во 1969 година групата го издава албумот „The Book of Taliesyn“, кој, исто така, успева да е високо рангиран на американската топ-листа, но публиката во Велика Британија и понатаму не покажува интерес за музиката на „Дип парпл“. Сепак, во септември 1969 година работите почнуваат да се менуваат кон подобро кога бендот го здоби многу потребниот публицитет со „Kонцертот за група и за оркестар“, дело во три дела компонирано од Џон Лорд, изведувано заедно со кралскиот филхармониски оркестар во „Ројал Алберт хол“. Тоа е прва соработка меѓу рок бенд и филхармониски оркестар. Со ова дело тие го постигнаа првиот успех во Велика Британија и се искачија на музичките топ-листи. Но ниту третиот албум, едноставно наречен „Deep Purple“, не постигна забележителен успех на британската топ-листа, но критиката најпосле ги забележи. Следува втора турнеја по САД, па заминувањето од групата на Сенпер и на Eвaнс и доаѓањето на Гилан и на Гловер. Со доаѓањето на фантастичниот пејач Јан Гилан, наречен Човек-глас и стабилниот и извонреден басист Роџер Гловер, почна фазата во која групата од прогресивен рок прави пресврт кон хардрок. Оваа позната и најуспешна постава на „Дип парпл“ се уште и виртуозот на клавијатури Џон Лорд, тапанарот Јан Пајс (цврст, брз, експлозивен) и мајсторот на гитара Ричи Блекмор – носителот на карактеристичниот звук на групата. „Дип парпл“ во оваа постава до 1973 година ќе објави четири студиски албуми од кои два „In Rock“ и „Machine Head“ станаа вонвременски класици. Во таа постава бендот ќе функционира уште двапати: во периодот од 1984 до 1987 година и во 1993 година. Албумот „In Rock“ имаше златен тираж и е наречен вистинска симфонија на рокот и големо музичко ремек-дело. Од него произлегоа големите хитови „Speed King, Into The Fire“ и „Child in Time“. Инаку, последната „Child in Time“ ќе стане неофицијална химна на групата. Овој албум на светските топ-листи ќе остане повеќе од една година. Во тоа време бендот го издава и синглот „Black Night“, кој се искачи на првите десет на топ-листата во Велика Британија. Солирањето на гитара на Блекмур, дисторзираната органа на Лорд, завивачките вокали на Гилан и ритам-секцијата на Гловер и Пајс на овој албум на бендот му создадоа уникатен идентитет, го одвоија од раните неуспешни албуми и го дефинираа хевиметал-жанрот. И сега што да се каже за рок-гигантот „Дип парпл“! Како најкратко, а доволно препознатливо да го опишеме овој британски бенд? Тоа е хевиметал-бенд со оперскиот вокал на Јан Гилан, со способен гитарски херој Ричи Блекмор, со генијалецот на клавијатурата Хамонд, Џон Лорд, и синфониската величенственост на нивниот звук на албумот „In Rock“, од 1970 година, со кој се пробија на врвот на сите светски топ-листи.

Следува албумот „Firebaal“, чијшто тираж е платиниумски. Овој албум е албум со помека музика, но попрогресивен од претходниот, и достигна платиниумски тираж. Инаку, овој е омилен албум на Јан Гилан, најпознати хитови во него се: „Fire Ball“, „Strange Kind of Woman“ и „The Mule“. По издавањето на овој албум групата заминува на турнеја во САД каде што одржува дваесетина концерти на кои ја гледаат и слушаат околу петстотини илјади луѓе. Останува забележано дека оваа турнеја е најуспешната што „Дип парпл“ ја има реализирано во својата долга концертна кариера. Инаку, групата е позната по брзото и чудно создавање на своите песни. Така еден од поголемите нејзини хитови „Highway Star“ настана во автобус, додека бендот одеше на концерт во Портсмут, како одговор на прашање на еден од новинарите: „Како ги пишувате вашите песни?“ Три месеци подоцна членовите на „Дип парпл“ заминаа за Швајцарија да го снимаат албумот „Machine Head“ (златен тираж). Снимањето на овој албум требаше да биде во мобилната единица за снимање на „Ролингстоунс“ во казиното во Монтреал. Но поради пожарот што изби за време на одржувањето на концертот на Френк Запа, бендот мораше да снима во хотелот „Гранд“, кој бил затворен поради реконструкција. Членовите на бендот во празниот хотел работеле напорно, брзо, жестоко и со многу жар. Групата била многу задоволна со резултатите, а особено со песните „Highway Star“ и „Lazy“. Сепак, им се чинело дека им недостига уште една музичка нумера. Тие го искористиле инцидентот со пожарот, па така тој ќе им послужи на членовите на бендот како инспирација за песната „Smoke on the Water“. Инаку овој албум ќе стане и до ден денес ќе остане еден од најпознатите албуми на „Дип парпл“, кој ги содржи најголемите музички хитови на оваа група како што се „Highway Star“, „Space Truckin“, „Lazy“ и „Smoke on the Water“. Оваа песна е позната како музичка нумера со најдобар гитарски дел на сите времиња, и е еден вид буквата „А“ во учењето на свирење рок-музика со гитара. Роџер Гловер на едно парче хартија запишал „чад над вода“, а Гилан се согласил заеднички да го довршат текстот во кој ќе ги опишат случувањата во казиното во Монтре, кога за време на концертот на Френк Запа избувнал пожар. Тие збор по збор, целосно документаристички, на моќниот риф, ја придодале приказната и така ја создале песната „Smoke on the Water“, која ќе ја надмине функцијата „пополнување минутажа“, која ѝ била наменета според првобитната замисла. Напротив. Таа не само што ќе стане најголем хит во долгата кариера на групата, туку ќе израсне и во симбол на цел еден музички правец. Ете тоа е неверојатната моќ на бесмртниот риф на Ричи Блекмор. Кога било и каде било кога некој гитарист пред публиката од прстите ќе го пушти овој музички ѕвер, секогаш, ама, буквално, секогаш, предизвикува урнебесна реакција и одушевување на публиката.

Следува албумот „Who Do We Think We Are“ (1973), со хит-песната „Woman from Tokyo“. Почнуваат недоразбирањата меѓу членовите во групата, па така Јан Гилан си заминува, а со него и Роџер Гловер. Како нови членови доаѓаат Дејвид Ковердил, вокал, и Глен Хјуз, басист и вокал. Новата постава во 1974 година го снима албумот „Burn“, кој достигна златен тираж. Новодојдените членови на овој албум придодадоа вокална хармонија и благ фанки-звук, што најдобро се гледа на насловната песна „Burn“ и извонредната „Mistreated“. Овој звук стана поочигледен на следниот албум, насловен „Stormbringer“ (1975). Тоа е уште еден извонреден албум, иако критиката беше поделена: едни велеа дека тоа е извонредна музика, а други дека тоа веќе не е стариот „Дип парпл“. Критичарите не можеа да прифатат дека ова е нова група со старо име, а и постојано го споредуваа пеењето на Јан Гилан со тоа на Дејвид Ковердејл. Повеќето навиваа за стариот добар Гилан, иако јас мислам дека гласовните можности на Ковердејл се, исто така, големи и моќни. Да се потсетиме на извонредната балада „Soldier of Fortune“, и мислам дека не е потребен коментар бидејќи тоа е песна според која Ковердејл ќе остане запаметен засекогаш. Сепак, Ричи Блекмор не е задоволен со постигнатото и тој го напушта бендот и ја формира групата „Ренбоу“. Други студиски албуми на бендот се: „Perfect Strangers“, 1984 (платинеста); „The House of Blue Light“, 1987; „Slaves & Masters“ 1990; „The Battle Rages On“, 1993; „Purpendicular“, 1996; „Abandon“, 1998; „Bananas“, 2003; и „Rapture of the Deep“, 2005 година. „Дип Парпл“ е хевирок-група со најмногу снимени албуми во живо – вкупно девет. Тие се: „Concerto For Group And Orchestra“, „Harvest Records“, 1969; „Made In Japan“, „Еми“, 1972 (еден од најпопуларните и најпродавани албуми во живо); „Made In Europe“, „Еми“, 1975; „Nobody’s Perfect“, 1988; „Come Hell Or High Water“, 1994; „Live At The Olympia“ ’96, 1997; „Total Abandon: Live In Australia“, 1999; „Live At The Royal Albert Hall“, 1999; „Live At The Rotterdam Ahoy“, 2000.

Овој бенд е познат по својата голема концертна активност и по турнеите што ги има организирано и реализирано. Од 1968 година до денес (со исклучок на нивното растурање од 1976 до 1984 година) тие продолжија да одат на турнеи насекаде во светот. Тоа беа турнеи по Австралија, турнеи по Јапонија, турнеи по Швајцарија, Белгија, Франција, Холандија, Германија, Скандинавија, турнеи по САД, Мексико, Рио, во повеќе држави во Азија, Африка, и… уште на многу други места. Тие се бенд со најмногу реализирани светски турнеи. Во 2007 година, бендот доби посебна награда за продажба од повеќе од 150.000 билети во Франција, со 40 настапи во земјата, само во 2007 година. Исто така, во 2007 година, турнејата „Rapture of the Deep“ на „Дип парпл“, од слушателите на „Планет рок“, беше прогласена за една од најдобрите турнеи во таа година (во сите музички жанрови). Во февруари 2008 година, бендот за прв настапи во Москва, на „Кремлин“ на лично барање на Димитриј Медведев, кој во тоа време се сметаше за следниот наследник на претседателското седиште на Русија. Исто така, бендот беше дел од забавата за Светското првенство во скијање „Фис Нордик“во Либерец, Република Чешка. Заслужуваат да ги набележиме сите нивни турнеи: деби-турнеја „Дип парпл“, 1968 година; Турнеја „Сенки на ’Дип парпл’“,1968 година; турнеја „Книгата за Талисин“,1968 година; европска турнеја на „Дип парпл’, (пред турнејата за „Во рок“) 1969-1970 година; светска турнеја „Во рок“, 1970-1971 година; светска турнеја „Огнена топка“, 1971-1972 година; светска турнеја „Машинска глава“, 1972-1973 година; европска турнеја „Дип парпл“, 1974 година; светска турнеја „Гори“, 1974 година; светска турнеја „Стормбрингер“, 1974-1975 година; светска турнеја „Целосни странци“, позната и под името „Повторно обединување“, 1984-1985 година; светска турнеја „Куќата на сината светлина“,1987-1988 година; Светска турнеја „Робови и господари“, 1991 година; светска турнеја за 25-годишнината на „Дип парпл“, позната и под името „Битката продолжува“ 1993 година; турнејата на „Дип парпл“ и на Џо Сатријани, 1993-1994 година; тајната мексиканска турнеја на „Дип парпл“ (кратка турнеја за загревање со Стив Морс); тајната турнеја на „Дип парпл“ во САД, 1994-1995 година; азиска и африканска турнеја на „Дип парпл“ 1995 година; светска турнеја „Пурпурдикуларно“, 1996-1997 година; „Бенд на светска турнеја“, 1998-1999 година; „Концертна светска турнеја“, 2000-2001 година; светска турнеја „Дип парпл“, 2001-2003 година; светска турнеја „Банани“, 2003-2005 година; светска турнеја „Ретрн оф д дип“, 2006-2011 година; „Дип парпл“: турнеја „Песните што го основаа рокот“ 2011-2012 година.

Членовите на групата подоцна ги формираа и групите „Вајтснек“ (Дејвид Ковердејл), „Рејнбоу“ (Ричи Блекмур) и Гиилан (Јан Гилан), но тие никогаш не успеаја ниту да се доближат до култната „Дип парпл“, едноставно, од тогаш, па до денес, нема подобра група. Сите тешки метални групи што сега ни ги полнат ушите не вредат колку „Дип парпл“ од времето на најголемите успеси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top