| четврток, 6 декември 2018 |

Бони М – и пеколно диско-нонстоп

Седмата декада – пеколните седумдесетти од минатиот век, е славното време на диско-музиката и диско-клубовите во кои младите слушаа и играа диско-нонстоп. Тоа е ерата на пеколното диско. Тогаш градските ноќни клубови ја стекнуваат заслужената репутација на космополитски места каде што е модерно да се биде. Диско-музиката беше нивната главна музика. Таа им носеше и им даваше елеганција и софистицираност на оние кои сакаа да изгледаат импресивно на подиумот. Инаку, овој вид музика се проби, а потоа стана и доминантен, со два музички хита: „Rock the Boat“ од Хјус корпорејшн и „Kung Fu Fighting“ од Карл Даглас. Кога се појавија овие музички нумери, веднаш беа прифатени како нешто ново и свежо и станаа глобални поп-хитови. Со нив почнува освојувачкиот поход на диското во ноќните клубови низ светот. Така, Најл Роџерс и Бернард Едвардс инспирирани од декадентниот елитистички имиџ на британскиот глам-рок ја формирале групата Шик, која создаде неколку музички химни за диско-подиумите, од кои најпознати се „Le Freak“ и „Good Times“. Диско-музиката ѝ даде нов живот и на австралиската поп група Би џис, која ги снимила повеќето од песните за филмот „Треска во саботната вечер“. Овој филм во тоа време стана огромен хит кој ја популаризира диско-музиката и направи ѕвезда од Џон Траволта. Остриот фалсет врз силните бас-линии и тапани на Би џис бил неодолив, а песните како „Stayin’ Alive“ се сѐ уште популарни. На диско-караванот меѓу првите се приклучи шведската поп група АББА со песната „Dancing Queen“, во која има неверојатно гласовно хармонизирање и брз ритам кои од оваа песна инстантно создадоа химна за танчарите во диско-клубовите. Сепак, во тоа време најмоќна од сите во диско-музиката беше кралицата на овој вид музика Дона Самер. Таа е американска соул пејачка, која во тоа време живеела во Европа и настапувала во мјузикли. Спојувањето на нејзиниот ангелски глас со немилосрдниот и помалку заканувачки синтисајзер на Џорџо Мородер, резултирало со уникатна снимка. Вокалот на Дона Самер, полн со еротски набој, комбиниран со песните на овој музички генијалец и со звуците на синтисајзерот, станале огромни хитови кои покажале дека електронската музика е иднината на диско-музиката. Ова најдобро го потврдува најмоќниот од сите диско-хитови „I Feel Love“ на Дона Самер.

Кога станува збор за Европа, сите знаеме дека без конкуренција диско-првенци се Бони М. Тоа е германското музичко чудо од 70-тите години на 20 век. Тој период беше времето на новиот германски филм (Фазбиндер, Вандерс, Херцог), ангажираниот алтернативен театар, како и групата радикални визуелни уметници предводени од Џозеф Беис. Меѓутоа, во својот глад за меѓународно признание, меинстрим публиката бараше сопствен светски признат, а сепак германски производ – а да не биде тоа само титулата светски фудбалски првак освоена на домашен терен во 1974 година. Тоа што го бараше, публиката и го доби. Ѝ го даде амбициозниот продуцент Френк Фаријан, кој ја конципираше музичката група во која тој беше сѐ зад сцената, а на сцената беа поставени три прекрасни девојки и еден елегантен танчар. Тоа беше неговата верзија на диско-музика изведувана од убавите и згодни Лиз Мичел, Марша Берет и Мејзи Вилијамс и елегантниот Боби Ферел, концептуален проект наречен Бони М. Франк Фаријан, според проверениот рецепт на Силвестер Ливај, кој беше автор на иновативните музички хитови и мегапопуларни „Fly Robin Fly“ и „Get Up and Boogie“ на групата Силвер конвеншн, ја создаде европската верзија на диско-музиката Бони М, која молскавично ќе стане најдобрата дефиниција за поп-музика заснована на диско-звук, и ќе биде позиционирана од спротивната страна на АББА. Како најдобро можеме да го опишеме музичкиот бренд концепт Бони М? Едноставно, тоа е комбинација на певлива поп-мелодија, репетитивен ритам, нагласена гудачка секција, со текст од шест до десет зборови, допадлив визуелен изглед на три девојки и еден танчар, и секако, танцување до бесвест. Оваа комбинација се покажа допадлива, примамлива, дури и заразна и ги зацрта основните контури на новиот музички жанр диско-нонстоп. Во него, групата вткаја реге-звуци, р&б-мелодии и многу, многу диско-ритми. Но, имаше уште нешто – сексуалноста, која просто зрачеше од сите нив. Токму таа блескава сексуалност на оваа музичка група беше идеално отелотворување на слободните 70-ти години од минатиот век. Облечени предизвикувачки, помалку ласцивно, со енергија заемно испреплетена помеѓу девојките и машкиот член на бендот, но и енергија кон публиката, претставуваа дозволен врв на сексапил во жива акција, во дотогаш стриктно оградениот европски граѓански свет. За тие кои не се колнеа во рокенролот, заводливите членови на оваа музичка група во секој дом донесуваа зрак на сексуална слобода, правејќи ги прифатливи како за католичката и протестантската, така и за православната и комунистичка Европа зад железната завеса.

Музиката на Бони М уште на самиот почеток се вклопуваше во музичките стереотипи, па на тој начин беше и претставена како музика за забава во продолжен викенд. Што се однесуваше до публиката, сѐ беше точно како што требаше: добиваа ритам, кој можеше да се подведе и под вообичаеното средноевропско хопа–цупа (за тие кои не разбираа што е грув); допадливи мелодии носени со разиграна виолина (како класи); три девојки кои не се со бел тен на кожата, па сексуалните алузии некако им припаѓаат; откачен егзотичен танчар како постојан извор на изненадување; и структура на композицијата со повик и одговор која постојано ја повикува публиката да се вклучи. Потврда за ова наоѓаме во најголемите хитови на групата: „Daddy Cool“, „Sunny“, „Ma Baker“, „Belfast“, „Rivers of Babylon“, „Hooray!Hooray! It’s a Holi-Holiday“, „I’m Born Again“, „Bahama Mama“, „Brown Girl in the Ring“, „Rasputin“, „Gotta Go Home“, „El Lute“… Се забележува дека главно обележје на нивната музика беше константниот, правилен ритам на ударите на бас-педалот на тапанот. За публиката тоа работите ги прави едноставни и лесни. Таа може да танцува во динамичниот ритам, со движења кои воопшто не е тешко да се следат со нозете и плескање со рацете на секој втор удар. Впрочем тоа во секоја музичка нумера на сцената го правеа и членовите на групата. Ваков вид прифатлива музичка револуција, во тој момент можеа да изведат само луѓе со темна боја на кожата, правејќи на европската почва и на музичката сцена, нешто што Афроамериканците во САД многу години претходно го направија. Тие Европејците ги научија како да бидат спонтани и послободни во јавното однесување. Без разлика како звучи ова, Бони М како прва голема музичка група составена од членови со потемна боја на кожата станаа инклузивен дел на европската меинстрим култура, па така на едно големо пространство од алпските зимски скијачки центри, до познатите летни туристички дестинации во Грција, од скандинавските хипи-сквотови, до португалските зафрлени рибарски села, луѓето со потемна боја на кожата станаа некако наши. На тој начин, тоа што на почетокот беше само маркетиншки потег на Франк Фаријан, со тек на времето стана ингениозен потег од пошироко културно значење. Една од причините за трајноста на музиката на оваа група е што во своите најпознати музички хитови тие имаа таен клуч за рокенрол наследството. Во нивните најголеми хитови тие како по некое правило најчесто ги опеваа јаките карактери од онаа страна на општествените норми. Сите нивни херои беа еден вид предизвикувачки одметници – „Daady Cool“, „Ma Baker“, „Rasputin“. Кога малку ќе се замислиме и ќе ги проанализираме овие имиња, ќе дојдеме до заклучок дека оваа индиректна апотеоза на сѐ што е поинакво, на многу посуштински начин го менуваше погледот на свет на младата публика, отколку што тоа го можеше самиот допир на сетилата. Бони М дебитираше со музичкиот албум „Take The Head Off Me“. Овој албум беше издаден во средината на 1976 година, но неговиот пробив на англискиот музички пазар, а потоа и на светскиот се случи во првите месеци на следната година. Најголем хит од албумот беше неодоливата, певлива и соодветна за диско-танц „Daady Cool“. Веднаш следуваше и хитот „Sunny“, кој стана голем хит во истата година. Со овој музички албум групата се потпираше на одбрани соул, реге и рок стандарди, што впрочем го потврдуваат и верзиите на „No Woman No Cry“ и „Fever“. Сите низ Европа и светот почна да зборуваат за фантастичните хитови на Бони М. Се чинеше дека 1977 година ќе биде клучна за опстанокот на групата. Тие го издадоа вториот албум насловен „Love For Sale“. Албумот имаше предизвикувачка насловна страна блиска на S&M естетиката, која успешно ги вознемири духовите и го потврди значењето на групата како ѕвезден бенд чиј момент на слава е во тек. Носечки хитови на албумот беа „Ma Baker“ и „Belfast“. Тоа беа песни кои албумот го направија светски препознатлив, а групата ја поставија на врвот на диско-музиката. Потоа следуваа албумите „Nightflight to Venus“ (1978), „Oceans of Fantasy“ (1979), „Boonoonoonoos“ (1981), „Cristmas Album“ (1981), „Ten Thousend Lightuears“ (1984) „Eye Dance“ (1985). Овие албуми и музиката на нив, само дополнително го потврдија водечкото место на групата на европската и светската музичка диско-сцена.

На тој начин кариерата на Бони М беше поставена на германски челични темели, и не постоеше никој кој имаше телевизор, радио или барем транзистор, а да не слушнал за оваа славна група и нејзините музички хитови. За тој период постои една анегдота раскажана од музичката икона Иги Поп. Кога пред некоја година во интервју за некое берлинско списание го запрашале Иги Поп како е возможно во 70-тите од минатиот век кога тој и Дејвид Бови привремено престојуваа во Берлин, создаваа музика и издаваа албуми, никој да не ги препознавал на улица, тој одговорил: „Ништо чудно, во тие години во Германија сите слушаа само музика од Бони М“. Слична на оваа духовита изјава е и изјавата на Дејвид Бови, кој кажува дека кога во Берлин го снимал еден од неговите три албуми, во студиото влетал продуцентот Брајан Ино, кој во раката ја држел плочата „I Feel Love“ на Дона Самер и извикал: „Не барајте понатаму, го најдов звукот на иднината… оваа песна ќе ја промени клупската музика“. Оваа изјава на продуцентот се покажала сосема точна. Големиот хит на Дона Самер беше и еден вид најава за техно и хаус-музиката. Како и да е, тогаш Бони М го живееја својот меинстрим успех, кој ги направи трајни ѕвезди на поп диско-музиката. Всушност, модерната европска клупска електронска музика својата естетика им ја должи подеднакво на опојната репетитивност на Мородер и предизвикувачката разиграност на Бони М.

Сега со право може да се постави прашањето зошто овој музички бенд без проблем ги преживеа генерациите и неговата музика остана популарна засекогаш? Одговорот е едноставен: Бони М го претставуваат изгубениот рај на поп-музиката. Тие во своето време го направија реално сето она што оваа музика требаше да го подразбира. Во таа смисла, најпрвин, создадоа перцепција во која надежта е достапна за сите. Понатаму, заводливоста, убавината, доброто расположение, хедонистичките ритами и позитивниот став беа спакувани во допадлив и прифатлив стил за младите тинејџери од тоа време. Сето тоа беше топол јазик преку кој можеше да се стекне чувство за подобар живот. Тогаш никој не сакаше да се откаже од таквата надеж. Во тој контекст потрошниот гламур на групата одеше во втор план, а на преден план избиваа нивните сочни хитови како последна шанса за забава, доживување и сладок живот на младите. Ама да не заборавиме дека Бони М претставува и победа на женскиот принцип во поп-музиката. Сѐ што е содржано во нивните песни наведува на средба меѓу луѓето, на допир, на бакнеж, на заемно чувство. Сетилната мешавина на ведрина и меланхолија, просто бликаше од трите црномурести грации на овој бенд. Бони М покажа и докажа дека и обичните девојки можат да бидат поп-девојки. Денес, секоја жена може да биде ѕвезда, барем таква каква што таа се замислува, а токму тоа е заслугата на Лиз Мичел, Марша Берет и Мејзи Вилијамс, од пред 40 години. Слободно можеме да кажеме дека сѐ додека има поп-музика, надеж и најавуваната љубов содржани во песните на Бони М ќе бидат докажани и потврдени врвни вредности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top