| четврток, 6 декември 2018 |

Писмата на Павле до Македонците

проф. д-р Марија Емилија Кукубајска, книжевник

 

Павле ги учел Македонците дека проблемите низ кои минуваат резултираат од обидите на божјите, праведни луѓе да живеат меѓу предавници, антихристи, меѓу перверзното население, меѓу кои биле и бескрупулозните Римјани, и ревносните Евреи …

Зошто апостолот Павле не го започнал христијанизирањето на Европа со Шпанија (каде што и планирал да патува после Рим), или со заткавкаските земји над Мала Азија, тоа само создавачот на светот може да го знае. Она што луѓето можат да дознаат од неговите историски мисии и писма е податокот дека тој го чул божјиот повик да дојде во земјата Македонија. Македонците од Филипи, Солун и Бер (сега во северна Грција), му го воздигнале срцето на возљубена грижа кон нив, зашто  нивните срца биле дарежливи и не биле од профилот на корумпираните Коринтјани и Атињани кои биле оддадени на перверзни оргии во име на нивните митолошко-пагански божества, на алчност и користољубие.

 

Св. Павле, икона од Андреј Рубљов, 1410 година

Св. Павле, икона од Анфреј Рубљов, 1410 година

Македонците биле првоизбраните, за првата, права слава на Христијанството во Европа, во 50-та година од раѓањето на Спасителот на човештвото, Исус Христос, за „Да го чуваме оганот на Светиот Дух“ во нас, им порачува Павле на Солуњаните, во Првото писмо, глава 5, стихови 19-22. Тој проповедал и се молел Плодовите на Светиот Дух да ги види преку зборовите и делата на народот кој дозволува Бог да му ги исполни срцата со љубов и издржливост против искушенијата и злото меѓу кои живее во материјалниот свет. На своето величествено, чудотворно, 13.000 милји долго христијанско просветителско патување, Павле ги учел Македонците дека проблемите низ кои минуваат резултираат од обидите на божјите, праведни луѓе да живеат меѓу предавници, меѓу перверзно население меѓу кое имало и бескрупулозни Римјани и подли Грци и ревносни Евреи, фанатизирани во своите учења, ритуали и церемонии од Стариот Завет.

„Еден човек од Македонија стоеше и се молеше велејќи: Дојди во Македонија и помогни ни“, читаме во визијата на Павле од Делата на Апостолите, поглавје 16, стих 9. Поведен од верата, дека само преку верата во Христовите „доби вести“ за љубовта, добрата волја, мирот и спротивставувањето на злото со добро, народот ќе опстане на овој свет во кој преовладува непријателот – злото, но, ќе победи правдата на Господ, преку оние кои го следат неговиот повик за спас на душите.

Павле, Евреинот прекрстен во Христијанин, станал највлијателниот и најсаканиот лик меѓу првите мисионери од првиот век по раѓањето на Исус Христос.Во своето писмо напишано 51-та година, испратено до македонските христијани во црквата во Солун, создадена од него во раното лето од 50-та година, Павле им дава братско охрабрување на новите Христијани. Неговата намера била да ги убеди луѓето во неговата, Божја, љубов,  да им оддаде признание за прифаќање на верата (Солуњаните, гл. 2, стихови 13-16), за нивната издржливост во прогонствата од безбожните, и да ги потсети на семоќта и апсолутната праведност на Бог, Спасителот.

Првата суштина на ова писмо е пофалбата на Македонците од Солун за нивното одбегнување на злобата, неморалот, развратот, како и за нивната меѓусебна љубов, заштита и живеење како добри граѓани во расипана, материјалистички ориентирана околина.

Втората клучна порака е утехата со која Вавле ги потсетува новите верници да имаат надеж дека ожалостените, гладните за леб и правда, нечесно обесправените, заплашените, неможните, трпеливите, добродушните, срдечните, доследните, благородните, оние кои расудуваат и кои го одбегнуваат злото околу нив, како и оние кои се ослободуваат од мрзеливост на духот и од безделничење, ќе бидат благословени и со душевна сила и радост на земјата, и со вечно постоење во нов живот.

Најтоплиот  инајчувствителен мотиватор меѓу апостолите, Павле, им носеше на Македонците уверување да не очајуваат кога с еонеправдани, прогонувани и убивани, зашто Бог ќе им ги претвори трагедиите во триумф, бедата во богатство, болката во благослов, сабоста во слава, а поразот во победа. Тој тоа им го пишуваше, а тие му веруваа бидејќи го имаа видено на дело влијанието на неговото учење.

Радоста што го исполнуваше срцето на Павле најблескаво зрачи од неговото писмо до Македонските христијани во Филипи, , градот на Филип II, кралот а Македонците, таткото на Александар Велики Македонецот. Напишано 61-та година од Рим, за време на неговите затворски денови, писмото до Филипјаните ја има радоста за централна тема. Спрема Христијаните, зборот радост не е еднаков на зборот среќа кој се среќава во средината околу нас, и ни причинува задоволство. Како контраст на среќата, радоста во ова Павлово писмо значи славење на суштината на Христијанскиот живот – љубота кон Македонците, кон сите браќа, кон сите Божји деца.

Концептот за радување на душата се појавува 16 пати во 4 поглавја на „Филипјаните“ зашто ова писмо е озарено со позитивну пораки: „Споделувајте радост во името на Господа, секогаш. Ви повторувам: Радувајте се!“ (Филипјаните, 4:4)

Павле го посвети и го жртвуваше својот живот поради верувањето во Исус кој воскресна и кој еден ден ќе се врати по своите следбеници,  по оние кои не потклекнале на земната „моќ“, на погрешното живеење. Неговото писмо до Македонците од Филип е кулминација на неговото славење и благодарност за Христовото ветување дека тој е единствениот Пат, Светлина и Живот.  Аспирациите на Павле да се спознава суштината на Христовиот Нов Завет е во просветувањето и посветувањето на Македонците на нов живот во кој ќе наоѓаат смисла и радост во Бог, следејќи ги Неговите вечно важечки закони за духовно и физичко постоење.

(Колумната е објавена во „Нова Македонија“, петок, 28 ноември, 1997 година, стр. 7, по повод Јубилејот на МПЦ)

 

ЈАЗИКОТ И СРЦЕТО (од „Овошје за срцето“, 2002,  Кукубајска М.; инспирирана од Св. Павле)

Ако научев да зборувам 3333 јазици, луѓето што ги подвојуваат на мојата планета, дури и ако  кибернетски јазици на други светови научев – од земни или небесни, видливи и невидливи галаксии или планети, од ДНК кодови или модуси од сите живи молекули и живи интер-акции, но го немам научено јазикот на човечноста во тоа моето простувачко срце, јазик ЉУБОВ наречен, јазик кој победува секоја зла мисла кај соседите, ако добар дух не носам, сладок дух во чисто срце, ќе останам јас бездушно, студено, горчливо ехо од изгорена земја што иде, од празнина пустош полна.

(„Павле од Малта“, композитор: Чарлс Камилери, текст за животот и бродоломот на Св. Павле на Малта: Оливер Фриџери) https://youtu.be/YxHekc7nXhM?list=PL450D92241F6A19BD

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top