| четврток, 6 декември 2018 |

АББА: четворка која со стил, стас, музика и љубов го освои светот

АББА. Тоа е познатата шведска поп група, формирана во 1972 година, во Стокхолм, Шведска, од Бјорн и Бени и Агнета и Ани-Фрид. Сепак, сите ги знаат како АББА. Името на групата е акроним од почетните букви на имињата на членовите Агнета, Бјорн, Бени и Ани-Фрид. На почетокот, за име, во игра биле и имиња како „Алибаба“, „ФАББ“ и „Баба“, кои на групата и биле симпатични, но на крајот, сепак, се одлучиле за АББА. Тоа е скандинавската четворка од Шведска, која го освои музичкиот свет со дотогаш невиден микс од музика и љубов. Беа млади, полни со елан и енергија. Кога на сцената ќе се појават две дами, блондинка и бринета, и две згодни и насмеани момчиња, облечени во шарени и блескави костими, кои изведуваат заразни мелодии, со богати аранжмани и раскошна хармонија, успехот е загарантиран. Тоа е таа допадлива музичка бајка, но и интересна скандинавска приказна за брачните парови – Бјорн Улвеус со Агнета Фалтског и Бени Андерсон и Ани-Фрид Лингштад. Всушност, тоа е приказната за шведскиот интимизам, како еден дел од формулата за успех и освојување на музичката сцена. Шведската музичка сцена секогаш беше пробивна на светскиот пазар, а за тоа најдобро сведочи светскиот успех на бендот АББА, чија популарност од 1972 до 1982 година се изедначува со популарноста што ја имаа Биталси. Годинава, на шести април, поминаа 43 години откако на европската сцена во Брајтон за прв пат ја слушнавме песната „Ватерло“ во изведба на симпатичната четворка од Шведска. Со блескавиот настап и извонредниот музички перформанс составот победи на натпреварот за Евровизија и засекогаш ја промени поп-музиката.

На почетокот, како да сакаа да личат и да звучат како глам-рок состав, но кога ќе ги чуете нивните најголеми хитови „SOS“, „Mamma Mia“, „Fernando“, „Dancing Queen“, „Take a Chance on Me“, „Chiquitita“, „The Winer Tekes it All“, и многу други, дефинитивно, АБА е поп-состав, кој само на моменти добива поп-рок призвук.

Иако групата АББА службено постоеше само едно десетлетие, од 1972 до 1982 година, нејзината слава траеше многу подолго. Всушност, таа и денес, 35 години по расформирањето на бендот, сѐ уште трае, а најверојатно ќе потрае уште многу долго. Кога многу години подоцна, веќе подостарената Ани-Фрид ќе ја прашаат која била формулата за нивниот успех, таа одговори дека тие не смислиле никаква добитна формула, туку едноставно го работеле тоа што најмногу им се допаѓало. Додаде, дека можеби нивната големина била во фактот што на едно место заедно се нашле двајца прекрасни автори и композитори, како и гласовите на Агнета и нејзиниот, кои извонредно се надополнувале. Сепак, успехот на АББА не се случи тукутака. За својата светска слава шведската четворка им е благодарна на менаџерот Стиг Андерсон и режисерот Ласе Халстром. Особено е важна улогата на вториов, кој ги режираше видеоспотовите на шведската група. Членовите на АББА снимале видеоспотови бидејќи нивните песни биле хитови во повеќе држави, како што се Велика Британија, Ирска, САД, Канада, Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Африка, Шпанија и повеќе држави од Јужна Америка, па јавни настапи во сите држави не можеле да одржат. Ова исто така било направено со цел да се намали нивното патување, особено за држави до каде што би им требало неколку часови за да стигнат. Агнета и Бјорн имале две мали деца, а Агнета, која се плашела од летање со авион, не сакала да ги остави децата за толку долго време. Менаџерот на АББА, Стиг Андерсон, сфатил дека прикажувањето видеоспот на телевизија за да се рекламира песна или албум, овозможува полесна и побрза изложеност на албумот. Некои од видеоспотовите станале класици поради костимите кои ги носеле во 70-тите години на 20 век. Исто така, се одразувало и групирањето на членовите во комбинирање на двојките, поклопување на лицето на еден пејач со друг и сопоставувањето меѓу нив.

Режисерот Халдстром во спотовите на нивните песни применуваше еден оригинален шаблон, а тоа е принципот на крупен план на актерите, пред сѐ на Агнета и Ани Фрид, а потоа и на Бени и Бјорн. Тоа е еден вид преземање на мотиви од Бергмановите филмови, во кои имаме сцени со двојни експозиции во кои има спојување на актерките и актерите како сијамски близнаци. Така, Агнета и Ани Фрид во секој видеоспот на АББА за секоја музичка нумера станаа две лица на еден карактер, што во целина се вклопуваше во вокалната линија на секоја песна. Халстром ги снимаше спотовите на АББА со голем број сцени, честа промена на облеката и задолжително користење на зум плус како препознатлив код. Заштитен знак за спотовите на АББА беше оптимизмот, ведрината, позитивната енергија и насмеаните музичари. Нападните бои на диско-ерата во комбинација со широка насмевка на изведувачите на песните, ја воведоа оваа шведска четворка во поп-историјата. Ова особено се однесува на видеоспотовите од 70-тите години. Во спотовите од последната фаза на популарноста на АББА се забележува ново емотивно надградување, кое исто така дотогаш не било препознаено во музичката индустрија. Поточно, режисерот Халстром го воведуваше мотивот на дружење, експонирање на приватноста, фановите можеа да ги гледаат членовите на АББА додека се шетаат по улицата, можеа со нив заедно да појадуваат, ручаат, и на крајот да присуствуваат на нивните дневни разделби.

Кога на почетокот на 1979 годинанАгнета и Бјорн објавија дека се разведуваат, настана песната „The Winner Takes It All“. Спотот за оваа песна стана еден од најтипичните музички спотови за почетокот на 80-тите години на 20 век. Од тогаш и започнува носталгичното и меланхоличното прикажување на фотографии на бендот од 70-тите, а особено на фотографии кои го илустрираа задоволството во работењето. Тоа е присетување на успехот и хармонијата. Овој спот е снимен на еден остров во западна Шведска и е замислен како исповед на Агнета пред обожавателите кои сакаат да ја чујат нејзината љубовна приказна. Овој пат, крупниот кадар без карактеристичната насмевка, покажува тага. Агнета седи на една маса во кафуле, а во повратни слики се прикажува како таа сама шета по улица, одвоена од Бјорн, Бени и Ани-Фрид. После тоа, сцената во кафулето претставува вистински интимен момент кој го открива недоразбирањето во бендот. Во таа сцена членовите на бендот се шегуваат и зборуваат за некои комични детали од животот, и сите се насмеани освен Агнета. Нејзиниот израз на лицето станува загрижувачки. Многу теоретичари за видеомедиуми мислат дека загриженото лице на Агнета во овој видеоспот е еден од најневините изрази на тага прикажани некогаш во некое музичко видео.

Во спотот на песната „One of Us“ (1981 г.) уште поконкретно се експонира разделбата помеѓу Бјорн и Агнета од 1979 година, но сега и веќе разводот помеѓу Бени и Ани-Фрид, кој се случи во 1982 година. Тоа е приказна за жена која се обидува да закрепне по травматична љубовна врска. Собата во новиот стан во која таа се вселува е полна со картонски кутии. Таа ги поставува фотографиите, ги реди книгите и во еден кадар ги бојадисува ѕидовите во жолта боја. Според критичарите Нелсон Краваљ и Џед Маер, тоа е нетипична сцена за дотогашните видеа на Халстрем, па тој детаљ е протолкуван како присетување на времињата на среќа и на моментите кога бендот имаше перспектива. Разделбата на членовите на бендот режисерот Халстрем ја доживуваше и како крај на неговиот ангажман за нив. Затоа тој во таа завршна фаза од настапите на АББА, при правењето на видеоспотовите за нивните музички хитови, визуелно е сугестивен и двосмислен. Создаваше вешти инверзии и идејата за крај на бендот ја толкуваше како отстапување на славата и успехот на други, помлади и пореволуционерни музичари.

Додека овие два спота реално беа преиспитување на местото на бендот во музиката, видеоспотот за песната „The Super Trouper“, беше наменско испишување на историјата на бендот и истакнување на значењето што тој го имаше во тој момент на музичката сцена. Оваа весела и певлива музичка нумера го добива името според рефлекторите кои се користени за концептите на стадионите. Тоа беше последен обид да се осветлат членовите на АББА како промотори на идеални животни вредности низ музиката. Прв кадар од овој видеоспот повторно е заштитниот знак на бендот – крупен план на Агнета и Ани-Фрид додека го пеат рефренот. Втората сцена го дефинираше целиот видеоспот како асоцијација, дури и цитирање на насловната страна на култната плоча на Биталси „Sgt. Peppers Lonely Hearts Club Band“. Во ова видео во студиото заедно со бендот се голем број забавувачи, кловнови, жонглери, магионичари. Членовите на АББА се во средината, облечени во бели свечени костуми и јасно одвоени со рефлектор од останатите присутни. Околу нив гостите ги изведуваат своите точки во сенка и контра светло додека тие им аплаудираат, им се восхитуваат и им се смеат. За големата желба на режисерот Халстром да направи омаж на Биталси сведочи и фактот што насловната страна на албумот „The Super Trouper“ е направена со фотографирање на моментот на сетот кој ќе остане запаметен по најголем број статисти користени во еден видеоспот во тоа време. Разликата се состои само во тоа што кај Биталси станува збор за колажна техника, додека кај АББА во прашање е снимка направена на самото место. Идентична сцена, но режисерски прилагодена на моментот, Халстром наративно ја проширува и за спотот за новогодишната песна „Heppy New Year“. Во овој музички спот талентираните статисти сега добија друга улога: да ја надополнат големата журка во истото студио. Сето ова изгледа како скриена камера и повеќе не постои бариера помеѓу бендот и гостите. Камерата во крупни кадри ги снима разговорите, веселбата и ги доловува изразите на лицата, што потсетува на телевизиските забавни емисии емитувани во новогодишната ноќ, кои ќе бидат многу популарни на музичките канали токму во 80-тите години од 20 век. Сепак, според мене добитната формула на АББА се состои во прекрасните гласови на групата, дрскоста на Агнета, комбинирана со богати и ниски тонови на Ани-Фрид, кои секогаш звучеа технички совршено, мелодички точно и ритмички динамично. Нежниот низок глас на Ани-Фрид и високиот напнат глас на Агнета беа зачудувачки и неверојатни. Од друга страна, музичките нумери АББА ги изведуваа со изненадувачка моќ и волумен, многу гласни и уште повеќе јасни, за што заслугата им припаѓаше на авторскиот двоец Бени и Бјорн. Значи, генијалноста на машкиот дел од АББА (музика, текст, аранжман, продукција) и извонредниот изглед (убави, згодни, елегантни, позитивни, насмеани) и музички перформанс (боја на глас и техника на изведба) на женскиот дел, се добитната формула.

Сѐ што направи АББА создавајќи аудио и визуелно доживување на музичките хитови, имаше големо влијание на музичките режисери и продуценти од тоа време и времето што следуваше. Оптимизмот, насмевките, невиноста и ексцентричноста беа заштитен знак на сѐ што создадоа. Десетина години заедничка работа, настапување, пеење и музицирање, како и семејната атмосфера ни открива безмалку сѐ за големиот поп-бенд АББА. Овие музички видеоспотови откриваат многу повеќе детали од кој било снимен документарец. Карактерната биографија на брачните односи во спотовите на АББА, функционира како еден игран филм кој никогаш не е снимен. Тоа што се гледа и се слуша од првиот до последниот спот е сосема доволно за да се разбере една животна приказна, музичка слава и неверојатно голем успех во музичката индустрија. Се покажаа и како големи хуманитарци, често свирејќи во полза на сиромашни, болни, хендикепирани и маргинализирани групи. Меѓу другото, познати се по тоа што на 9 јануари 1979 година на музичкиот концерт одржан во Генералното собрание на ООН на прославата на годишнината на УНИЦЕФ, ја извеле музичката нумера „Chiquitita“, хит кој во 10 држави се искачил на прво место на топ-листите, се продал во милионски тираж, а приходот бил дониран за УНИЦЕФ.

АББА, за време на своето постоење издаде осум студиски албуми: „Ring Ring“ (1973), „Waterlo“ (1974), „ABBA“ (1975), „Arrival“ (1976), „The Album“ (1977), „Voulez-Voulez“ (1979), „Super Trouper“ (1980), „The Visitors“ (1981); повеќе сингл плочи, неколку компилациски, како најголеми хитови, во поп, поп-рок, евро-поп и диско стил, и сите ги продаде во над 400 милиони примероци. За време на нивната активна кариера од 1972 до 1982 година, АББА достигнале 14 тoп 40 синглови на листата Billboard Hot 100 (13 на Cashbox Top 100), од кои 10 биле тoп 20 на двете листи. „Dancing Queen“ била прво место на тoп 10. Иако песните „Fernando“ и „SOS“ не успеале во првите 10 песни на листата Billboard Hot 100, сепак тоа го достигнале на листата на Cashbox и Record World. Групата исто така имала 12 тoп 20 синглови на Billboard Adult Contemporary. „Fernando“ и „The Winner Takes It All“ го достигнале првото место. „Dancing Queen“ и „Take a Chance on Me“ добиле злато од RIAA. Девет албума на АББА биле меѓу првите на листата на Billboard 200 alb. Седум од нив биле помеѓу првите 50. Пет албума добиле златен сертификат од RIAA, додека три добиле платински статус (продавајќи повеќе од еден милион копии). На 15 март 2010 година, групата АББА е примена во Рокенрол куќата на славните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top