Македонската одбојкарска репрезентација претстојниот викенд ќе учествува на завршниот турнир од Европската лига во Данска каде патува со максимални шест победи од двата турнира во групната фаза.
За Македонија ова ќе биде четвртото учество на Ф4, а амбициите се првпат да се освои трофејот.
Најдобриот играч и капитен на оваа селекција Никола Ѓоргиев посакува продолжување на победничката серија до остварување на конечната цел.
– Без разлика со кого ќе играме, наша цел се две победи и првото место. Сакаме Европска лига да ја завршиме со осум победи. Не смееме да се опуштиме и да не залажат шесте победи во групата. Одиме максимално подготвени и сите сме со една цел – освојување на златото, рече Ѓоргиев на денешната прес-конференција.
Македонија утре патува од Скопје за Копенхаген.
Во полуфиналето Македонија ќе игра со Данска на 1 јули (сабота) од 19 часот, а три часа претходно (16 часот) се среќаваат Шведска и Украина.
Во недела (2јули) од 16 часот е натпреварот за третото место, а од 19 часот е финалето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.